Според вицепремиерот, кај нас сè уште нема вистински консензус меѓу политичките партии за тоа дали сакаме да бидеме членка на ЕУ, затоа што досега таквите заложби кај дел од нив биле само декларативни
За Северна Македонија е достижно да стане членка на ЕУ до 2030 година, но под два услова, смета вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, кој денеска се обрати на тркалезна маса насловена „Западниот Балкан помеѓу Западот и Истокот: Северна Македонија – членка на ЕУ до 2030 година?“ во организација на Советот на амбасадори.
Едниот услов, смета вицепремиерот, е да се изведат реформскиот процес и процесот на преговори – тоа е задача на сите политички чинители во државата и на сите делови во општеството, а вториот е да имаме временски план за членство од страна на ЕУ.
Во своето обраќање тој оцени дека, за жал, кај нас нема вистински национален консензус од сите политички партии околу прашањето дали сакаме да биде членка на ЕУ.
„Вистинскиот национален консензус за Европската Унија за жал кај нас сè уште не е постигнат од сите политички актери, затоа што до сега во најголем дел бил само декларативен. Потребен ни е консензус со одговор на прашањето од сите политички чинители дали сакаме да станеме членка на ЕУ не под условите кои ние сме ги замислиле, туку под условите кои реално се на масата“,
рече Маричиќ.
Вицепремиерот во говорот потенцира оти е точно дека поддршката за ЕУ последните години кај нас е опадната, но како што рече, поддршката не опаѓа поради тоа што граѓаните не сакаат да бидат во ЕУ, туку поради недоволната динамика или разочараноста од динамиката на внатрешните реформи од една страна, но од друга страна и за недостижноста на реалното членство, поради недостатокот на перспектива понудена од ЕУ.
Европскиот концепт, порача тој, носи стабилност, просперитет и извесност и тоа е концепт кој го сакаат граѓаните.
„Мислам дека процесот на преговори колку и да ни изгледа бирократски, и процесот на скрининг во оваа фаза, и понатаму отворање на кластери е шанса за успешно заокружување и завршување на транзицијата на нашето општество, бидејќи преговорите нема да изостават да допрат ниту еден дел од нашето општество. Токму затоа и целиот фокус е ставен на брз и успешен скрининг. Овој процес не допушта импровизации“,
додаде Маричиќ.
Вицепремиерот е дециден и дека треба да вршиме притисок што побрзо да станеме членка и треба да го зголемуваме нивото на регионална соработка, затоа што регионот Западен Балкан има најтврди граници, плаќа најскапи услуги за многу работи, и најтешка мобилност меѓу граѓаните во овој дел од Европа. Тоа, како што рече, мора да го надминеме без разлика кога ќе станеме членка на ЕУ.