СДСМ организира вонредни внатрепартиски избори, членовите избираат нов претседател на партијата. Гласањето се спроведува во 77 избирачки места низ државата, а на списокот се акредитирани 23 373 члена
Во трката за нов лидер на СДСМ се тројца кандидати – поранешниот министер за здравство и актуелен пратеник Венко Филипче, директорот на ТИРЗ Јован Деспотовски, како и поранешниот заменик министер во МИОА Александар Бајдевски.
Актуелната пратеничка и поранешна министерка за одбрана, Славјанка Петровска вчера соопшти дека ја повлекла кандидатурата, а во во писмото до Централната изборна комисија за претседателските избори во партијата, наведува дека сака да го заштити СДСМ од нелегитимен избор на претседател како и да избегне да биде соучесник во погазување на Статутот. Таа претходно побара и откажување на изборот за претседател, закажан за 30 јуни.
„Според Статутот на СДСМ сите кандидати треба да имаат подеднакви можности за претставување и лобирање, па затоа вчера на состанок одржан во просториите на партијата со претставниците на ЦИК информирав за сериозни забелешки во поглед на точноста и легитимноста на Избирачкиот список, злоупотребата на личните податоци на илјадници членови на СДСМ, кое продолжи и денеска. За жал не добив одговор кој ги побива овие тврдења. Сите овие основани и потврдени сомнежи го нарушуваат легитимитетот на овие избори и резултати“,
вели Петровска.
Претседателката на Централната изборна комисија за избор на претседател на СДСМ, Викторија Аврамовска-Мадиќ, вчера соопшти дека Комисијата работела напорно за да спроведе транспарентен и демократски процес, па затоа внатрепаритското гласање в недела ќе се одржи. Во врска со забелешките за процесот, таа нагласи дека дел од доставените приговори од страна на некои општински организации биле прифатени, дел не.
Во изминатиот период кандидатите водеа кампања и ја претставуваа својата програма пред членството. Филипче ја презентираше програмата „Нов СДСМ за нови победи“, програмата на Деспотовски е насловена „Нов почеток“, а Бајдевски со пораката „Секој член е промената“.
Изборот за нов лидер на СДСМ следува откако Димитар Ковачевски се повлече од лидерската позиција на партијата по поразот на двојните избори кои се одржаа во мај.
Досега, на чело на партијата покрај Ковачевски, беа Бранко Црвенковски, Владо Бучковски, Радмила Шекеринска и Зоран Заев.