„Со оглед на тоа дека овој процес за мене е неприфатлив барам моето име да не стои на избирачкото ливче, со цел гласачите да не бидат доведени во заблуда“, рече актуелната пратеничка и ексминистерка за одбрана Славјанка Петровска, која беше една од четирите кандидати за избор на нов лидер во СДСМ
Ја повлекувам мојата кандидатура за претседател на СДСМ, информира денеска актуелната пратеничка и ексминистерка за одбрана Славјанка Петровска, која беше една од четирите кандидати за избор на нов лидер во СДСМ, преку официјално писмо кое го испратила до Централната изборна комисија за претседателските избори (ЦИК) во партијата.

Ваквата одлука, Петровска вели дека ја донела, како што рече, сакајќи да го заштити СДСМ од нелегитимен избор на претседател и да избегне да биде соучесник во погазување на статутот.
„Со оглед на тоа дека овој процес за мене е неприфатлив барам моето име да не стои на избирачкото ливче, со цел гласачите да не бидат доведени во заблуда“,
вели таа.
Во писмото посочува дека и покрај тоа што на состанок со претставници на ЦИК укажала на бројни неправилности, не добила никаков одговор кој, како што вели, би ги побил нејзините тврдења.
„Според статутот на СДСМ сите кандидати треба да имаат подеднакви можности за претставување и лобирање, па затоа вчера на состанок одржан во просториите на партијата со претставниците на ЦИК информирав за сериозни забелешки во поглед на точноста и легитимноста на Избирачкиот список, злоупотребата на личните податоци на илјадници членови на СДСМ, кое продолжи и денеска. За жал не добив одговор кој ги побива овие тврдења. Сите овие основани и потврдени сомнежи го нарушуваат легитимитетот на овие избори и резултати“,
рече Петровска.
Петровска, на два дена пред одржување на внатрепартиските избори во СДСМ, порача да се откаже внатрепартиското гласање за избор на претседател на Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ) кое треба да се одржи в недела. Главна причина за откажување на изборите е тоа што, според неа, изборниот процес бил нефер, односно дека, како што рече еден од противкандидатите имал пристап до базата на податоци и со тоа, додаде, дека ги злоупотребувал личните податоци на членовите на партијата.
Петровска, покрај повикот да се откажат изборите за иден претседател на СДСМ, смета дека потоа, според неа, треба да се формира времено партиско раководство.
Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ) утре на внатрепартиски избори ќе избира лидер на партијата. Гласањето ќе се спроведе во општинските организации од 8 до 20 часот, а право на глас имаат околу 23 илјади членови на партијата.
Во трката за лидер на СДСМ се ексминистерот за здравство и актуелен пратеник Венко Филипче, поранешната министерка за одбрана и актуелна пратеничка Славјанка Петровска, директорот на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони (ТИРЗ), Јован Деспотовски и актуелниот заменик-министер за информатичко општество и администрација, Александар Бајдевски.