Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски, вели дека станува збор за најмалку 400 возила и направи паралела дека тоа е како цела една катна гаража да е бесплатно резервирана за повластени лица
ВМРО-ДПМНЕ тврди дека добиле списоци со стотици автомобили на функционери од власта кои биле ослободени од плаќање паркинг во Скопје. Од партијата на Мицкоски велат дека списоците се добиени од укажувач, а на нив има имиња на членови на Демократскиот сојуз, на СДСМ и на ДУИ како и регистарски таблички.
„Возилата на листите се на имиња на Борче Јакимовски најчесто и на Владимир Кроневски, кој што се доскорешни директори на паркингот во Скопје, инаку членови на претседателството на Демократскиот сојуз на Павле Трајанов, дел од владината коалиција на СДСМ и на ДУИ. Возила има и на име на Славче Јовановски, актуелен советник во Град Скопје. Инаку, и тој дел од највисокото раководство на Демократскиот сојуз на Павле Трајанов. Почитувани, јасно е дека ова се списоци коишто укажуваат дека Демократскиот сојуз е во власта и е сателит на СДСМ за да може врз грбот на народот да ползува бенефиции“,
кажа на денешната прес-конференција, Наум Стоилковски, еден од портпаролите на ВМРО-ДПМНЕ.
Стоилковски вели дека станува збор за најмалку 400 возила и според бројот на регистрициите, може да се направи споредба дека станува збор како цела една катна гаража, да била бесплатно резервирана за повластени лица.
„Во нив има имиња на други луѓе како и опис на автомобилите. Да речеме стои името, регистарска табличка и име на Мартин Попов, актуелен шеф на кабинет во владата на премиерот. Тука е и поранешниот градоначалник на Аеродром, Златко Марин. Тука, до името на Владимир Кроневски е и Душко Весковски, доскорешен директор на Водовод во Скопје и да не ги редам други. Ова не се паушални обвинувања, туку јасни насоки кон тоа зошто Демократскиот сојуз се уште е соучесник и е покритие за криминалот на власта. Ги повикувам сите заинтересирани медиуми и новинари, доколку имаат порив и интересирање за истражувачка сторија, да дојдат да ги погледнат списоците како вовед во една нова истражувачка сторија за тоа кој се можел да паркира каде сака во Скопје, додека сите останати мораат да плаќаат“,
кажа Стоилковски.