ВМРО-ДПМНЕ тврди дека функционери и советници биле ослободени од плаќање паркинг низ главниот град, па прашуваат дали меѓу нив се и Мартин Попов, шефот на кабинет на Ковачевски, генералниот секретар на СДСМ, Миле Зечевиќ, ексградоначалникот на Аеродром, Златко Марин, но и првиот вицепремиер Артан Груби
Од Демократскиот сојуз и СДСМ велат дека ВМРО-ДПМНЕ конструира лаги. Oд ДС велат дека партиите што се дел од власта на централно ниво извесен период се цел на напади од опозицијата и сметаат дека тоа е обид за уцена да излезат од парламентарното мнозинство. Социјалдемократите, пак, сметаат дека ВМРО-ДПМНЕ измислува за да ја скрие неспособноста на новата градоначалничка Данела Арсовска
Дали министри, функционери и советници на власта паркирале бесплатно низ Скопје на паркинзите со кои управува Јавното претпријатие „Градски паркинг“, е денеска најактуелното прашање околу кои се препукуваат партиите од власта и опозицијата.
ВМРО-ДПМНЕ која ја презема власта во Градот Скопје излезе со обвинувања дека тоа се случувало изминатиот период и го впери прстот кон коалицискиот партнер во владата на СДСМ и ДУИ, Демократскиот сојуз (ДС) на Павле Трајанов чиј кадар раководеше со ова јавно претпријатие за време на претходната локална власт.
Директори, министри, функционери, разни раководни кадри со години паркирале бесплатно низ Скопје, користеле повластена позиција, на сметка на граѓаните, а тоа им го овозможувале директорите на паркинзи од Демократскиот сојуз.
„Обезбедувале повластувања за функционери на власта, бесплатен паркинг за нив. Секој во Скопје мора да плати паркинг, освен функционери на СДСМ, на ДУИ, на Демократскиот Сојуз, на членови на власта, ставени на посебни списоци со потпис на директорите од Демократски сојуз. Јавно прашувам, дали на име на Борче Јакимовски доскорешен директор на претпријатието и член на претседателството на Демократскиот Сојуз на Павле Трајанов, од плаќање паркинг ослободувал автомобили на функционери на СДСМ, од ДУИ, како и од Демократскиот Сојуз? Дали на име на Владимир Кроневски, член на претседателството на Демократскиот Сојуз, воедно помошник директор на јавното претпријатие, од плаќања се ослободувани стотина автомобили на функционери од власта?“,
рече денеска на прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.
Тој јавно прашања дали меѓу оние кои биле ослободени од плаќање паркинг биле возила на: Мартин Попов, кој пред неколку дена беше назначен за шеф на кабинет на новиот премиер Димитар Ковачевски; генералниот секретар на СДСМ, Миле Зечевиќ; поранешниот директор на ЈП Водовод и канализации, Душко Вескоски.
„Па и поранешниот градоначалник на Аеродром, Златко Марин и неговото возило, како и други функционери од СДСМ. Дали е ослободен од плаќање и Агим, зад чие име стои Артан Груби“,
редеше имиња Стоилковски.
Тој на прес-конференцијата рече дека остава простор од 24 часа, за одговори од Демократскиот Сојуз и од поранешното раководство на ЈП „Градски паркинг“, а доколку молчат рече дека ќе објават списоци со сите регистарски таблички за привилегираните функционери.
Од Демократскиот сојуз не чекаа 24 часа и денеска излегоа со прес-конференција обвинувајќи ја ВМРО-ДПМНЕ дека изнесува дрски лаги и конструкции за работењето на „Градски паркинг“ под раководство на нивниот кадар. Повеќе од еден месец, рекоа од партијата, Демократскиот сојуз и другите партии од власта се предмет на неосновани напади на Христијан Мицкоски и неговата партија што според нив, е обид за уцена да излезат од мнозинството во централната власт.
„Овие напади од ВМРО-ДПМНЕ ги сметаме како обид за уцена да не бидеме и натаму дел од парламентарното мнозинство. Претставниците на ВМРО-ДПМНЕ најмалку можат да напаѓаат, паушално и неосновано, од Белата зграда, градена со капитал стекнат на криминален начин. Тие се партија против чие раководство се водат голем број кривични постапки, а поранешни највисоки државни функционери се осудени на правосилни казни затвор за тешки облици на криминал и корупција. Досега никој не добил гратис карта за паркирање, ниту пак за бесплатно паркирање. Списоци нема, тие се конструкции и фалсификати на актуелниот директор, за што ќе следи кривична тужба. Претпријатието работи согласно законите и одлуките на градоначалникот и Советот на Град Скопје“,
рече генералниот секретар на партијата, Зоран Димитровски.
Тој посочи и дека претпријатието, кое има 270 вработени не работи со загуби, односно 2021 ја завршило со вишок пари од над 27 милиони денари што се доволни за исплата на четири плати на вработените.
Дека станува збор за конструкции и лаги, реагираа и од СДСМ. Социјалдемократите велат дека ВМРО-ДПМНЕ го прави тоа за да ја скрие неспособноста на новата градоначалничка Данела Арсовска.
„Арсовска не знае да менаџира со Градот и јавните претпријатија под негова надлежност, затоа ВМРО-ДПМНЕ секојдневно има потреба да измислува конструкции со кои се обидува да ја покрие нејзината неспособност. За тоа како работело ЈП ’Градски паркинг‘ со претходната градска администрација говори фактот дека ова претпријатие 2021 година ја завршило со вишок средства односно профит од над 27 милиони денари. Наместо да се зафатат со работа, Арсовска и градоначалниците од редовите на ВМРО-ДПМНЕ измислуваат конструкции, ги партизираат општините, трошат народни пари на чоколади и дејствуваат на штета на интересите на граѓаните“,
реагираа од СДСМ.