Меѓу причините за нивното незадоволство наведоа дека не е исполнет договорот за местата што требало да ги добијат на универзитетските клиники и за претседател на Управниот одбор во Фондот за здравство, но и неименувањето на главни медицински сестри Албанки во болниците, непоставувањето на ниту еден шеф Албанец, немањето ниту еден капитален проект во албанските населени места итн.

Членови на Алтернатива од огранокот во Чаир бараат партискиот претседател да иницира разрешување на нивниот сопартиец Беким Сали од функцијата министер за здравство бидејќи изминатите 10 месеци не ги унапредил албанските кадри во клиниките и болниците како што било договорено. Огранокот во Чаир, пак, се огради од нив посочувајќи дека станува збор за лични незадоволства.
Незадоволните членови, предводени од Меритон Цивули, кој е поранешен шеф на кабинет на Сали, денеска излегоа на прес-конференција, се претставија како членови на Централниот комитет на Алтернатива од огранокот во Чаир и јавно реагираа зашто партискиот претседател Африм Гаши не сака да им одговори на нивните реакции за министерот. Рекоа дека излегле јавно токму тие бидејќи Сали е од нивниот огранок, но незадоволство има во партиските структури во цела држава.
Меѓу причините за нивното незадоволство наведоа дека не е исполнет договорот за местата што требало да ги добијат на универзитетските клиники и за претседател на Управниот одбор во Фондот за здравство, но и неименувањето на главни медицински сестри Албанки во болниците, непоставувањето на ниту еден шеф Албанец, немањето ниту еден капитален проект во албанските населени места итн.

„Неунапредување на албански кадри последните 10 месеци, ниту еден шеф на одделение, ниту една главна сестра, ниту едно решение за лекарите по договор на дело и слично. Процентот на албанските кадри според балансерот е мошне загрижувачки и понижувачки. Ниту еден конкретен план и проект за капитални инвестиции во клиниките и амбулантите во албанските населени места. Немањето сериозна иницијатива за реформи во Министерството, според потребите и системските недостатоци кои директно влијаат врз граѓаните. Немањето обѕир за базата, занемарување и игнорирање на партиските органи, непочитување на кадровските политики, академската стратегија, одбивање на советите од медицинските кадри кои гравитираат околу партијата, уште повеќе ја зголемуваат нашата огорченост и револт“,
ги набројуваше Цивули причините за незадоволство.
Незадоволните му дадоа рок на Гаши да иницира разрешување на Сали во период од 10 дена, а во спротивно порачаа дека одговорноста за понатамошните чекори и последните ќе биде ексклузивно на негов товар.
Претседателот на огранокот на Алтернатива во Чаир, Фатон Фазлиу, пак, бргу се огради. Во соопштение испратено од прес-службата на партијата, а потпишано од него, се порачува во партискиот штаб досега никој не се пожалил од министерот Сали и дека ова се само лични незадоволства
„Сакам да објаснам дека во органите на Огранокот на Чаир немало никакви жалби и незадоволства кон ниту еден функционер на партијата. Ниту на Претседателството на Огранокот, ниту на Собранието на Огранокот на Чаир, која беше одржана пред извесно време, немало ниту една забелешка, па затоа денешната реакција нема никаква врска со Огранокот на Чаир, туку може да биде резултат на личните незадоволства. Како и да е, сакам да потсетам дека, според Статутот на партијата, прашањето на именување или разрешување на партиските функционери не е во надлежност на ограноците, туку е во надлежност на Централното претседателство на АлтернАтивА. Како претседател на огранокот на Чаир, му честитам на министерот, Беким Сали, за неговата досегашна работа и му пожелувам успеси“,
вели Фазлиу.