Пендаровски: „После повеќе од една година живот во пандемија, која го загрозува здравјето и предизвикува економска пустош, се наѕира крај на голготата со која се соочува целото човештво“
Џафери: „Нека празникот донесе нова, силна надеж и верба во што побрзо надминување на пандемијата, закрепнување на економијата и колективно здравје на сите наши граѓани“
Заев: „Во наше изменето совремие, научивме дека Велигденските денови се можност да се свртиме кон себеси и кон нашите најблиски, да покажеме солидарност, почитување и разбирање еден кон друг“
Претседателот Стево Пендаровски, по повод големиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден, упати честитка до поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан и сите православни верници и до претседателот на црковното претставништво на Евангелско – методистичката црква, Емил Заев и припадниците на Евангелско – методистичката црква во државата.
„Посакувам празничните денови да ги поминете во добро здравје, исполнети со среќа, радост и љубов. Велигден како празник на надежта ги исполнува срцата со топлина, а мислите со оптимизам и верба. Да шириме љубов и добра мисла и да му се радуваме на животот. Нека постојано со нас биде присутна дарежливоста, добродушноста и искреноста. Како што христијанството би било празно без Христовото воскресение, така би биле празни и нашите животи без љубов, сочувство, морал, споделување и благодарност. После повеќе од една година живот во пандемија, која го загрозува здравјето и предизвикува економска пустош, се наѕира крај на голготата со која се соочува целото човештво. До завршувањето со имунизацијата да бидеме совесни и одговорни“,
се наведува во честитката од Пендаровски.
Честитка упати и претседателот на Собранието Талат Џафери, посакувајќи, во име на сите пратеници, убави празнични моменти во кругот на семејството.
„Упатувам искрени желби за добро здравје, лична и семејна среќа, лични и колективни успеси и радости. Големите празници се секогаш добра можност да се потсетиме на работите кои вистински ни го радуваат срцето, да ја засилиме вербата и надежта која треба да ја имаме за да ги надминеме предизвиците пред нас. Во овие години на пандемија се соочивме со особено голем предизвик, а тоа е нашето здравје и здравјето на нашите драги и блиски луѓе. Осознавме што значи и колку е болно од ден на ден да заминуваат во вечноста блиски и далечни, познати и непознати луѓе. Нека празникот донесе нова, силна надеж и верба во што побрзо надминување на пандемијата, закрепнување на економијата и колективно здравје на сите наши граѓани. Да запомниме дека здравјето е меѓу оние вредности на животот кои се од најголемо значење, кои се незаменливи и универзални за сите нас, без оглед на разликите што не карактеризираат, наведува Џафери во честитката.
Премиерот Зоран Заев истакнува дека во време кога целиот свет поминува низ тешки премрежија предизвикани од коронавирусот ѓ, празникот на спасението, кој го означува крајот на Христовите страдањата и со кој ја славиме победата над смртта, нè потсетува на потребата да се преиспитаме и со скромност како одговорни чинители на нашата заедница да понесеме саможртва за доброто на сите, заштитувајќи се себеси и здравјето на блиските.
„И оваа година, еден од најсветлите празници – Велигден го дочекуваме во специфични услови и со ограничувањата кои ги донесе пандемијата. И токму овие светли празници секој од нас прави личен подвиг пред искушенијата – секој од нас трезвено и воздржано внимава на заштитата на здравјето односно на предизвикот што го наметна оваа глобална здравствено-економска криза. Во наше изменето современие, научивме дека Велигденските денови се можност да се свртиме кон себеси и кон нашите најблиски, да создаваме добри дела и да покажеме солидарност, почитување и разбирање еден кон друг. Во овој период на пандемија, да празнуваме како одговорни граѓани, а Велигден, како празник на надежта, да донесе благосостојба, радост и сплотеност во нашите домови. Опкружени со љубов, но и со надеж за подобрите денови кои доаѓаат, да бидеме исполнети со хармонија и прошка, мир и просперитет, без поделби, без омраза, без конфликти“,.
наведува Заев во честитката.