За Денот на македонскиот јазик честитка упати и британскиот амбасадор во земјава Метју Лосон. Лосон честитката ја упати преку видеообраќање на македонски јазик

Македонскиот јазик е темелот врз кој се издигнува нашата духовна и национална самобитност, се вели во честитката од премиерот Христијан Мицкоски по повод 5 Мај – Денот на македонскиот јазик.
„Македонскиот јазик не е само средство за комуникација, туку жив сведок на вековната историја, чувар на колективната меморија и најсилен израз на нашата културна и национална посебност. Нашата должност денес е јасна и возвишена – да го негуваме, унапредуваме и достоинствено претставуваме македонскиот јазик, како дома, така и на меѓународната сцена. Во време на предизвици, потребна е мудрост, единство и непоколеблива верба во вредностите што нè дефинираат“,
вели Мицкоски.
По повод 5 Мај, министерот за култура и туризам Зоран Љутков упати честитка до граѓаните истакнувајќи ја непроценливата вредност на македонскиот јазик како темел на националниот идентитет и културното наследство.
Љутков нагласува дека македонскиот јазик е жив израз на нашето постоење, историја и духовност, кој се пренесува низ генерациите и ја отсликува силата и истрајноста на народот.
Тој потсети дека на овој ден во 1945 година е кодифициран современиот македонски стандарден јазик, со што се поставени темелите на неговиот развој и афирмација.
„На денешен ден 1945 година со одлука на Народната Влада на Македонија е кодифициран современиот македонски литературен јазик, а беше утврдена неговата азбука и правопис. Затоа, да го чуваме и развиваме, затоа што во него живее нашето исконско постоење и препознатливост пред светот“,
се вели во честитката на министерот Љутков.
Честитка има и од претседателот на Собранието, Африм Гаши, во која порачува дека македонскиот јазик претставува еден од столбовите врз кои се гради нашата заедничка држава.
Како посебен јазик во групата на јужнословенските јазици, додава Гаши, македонскиот јазик успеа да биде развиен јазик на книжевноста, образованието, науката и културата.
Покрај тоа, како дел од Балканскиот јазичен сојуз, македонскиот јазик, заедно со албанскиот и другите јазици создадоа уникатни особености што придонесоа за оформување и на нова лингвистичка дисциплина каква што е балканистиката.
Нагласува дека Собранието останува посветено на унапредувањето на институционалните стандарди и на спроведувањето практики што гарантираат јасна, ефикасна и одговорна комуникација.
За Денот на македонскиот јазик честитка упати и британскиот амбасадор во земјава Метју Лосон. Лосон честитката ја упати преку видеообраќање на македонски јазик.
„Веќе сум четврта година од мојот мандат како британски амбасадор и покрај дипломатските обврски што ги имам, секојдневно уживам користејќи го македонскиот јазик како алатка за комуникација со Владата, институциите, медиумите, невладиниот сектор и пријателите што ги стекнав во оваа прекрасна земја“,
вели Лосон во видеообраќањето на македонски јазик на фејсбук-профилот на Британската амбасада.
Лосон наведува дека богатството од познавањето на македонскиот јазик ќе му остане засекогаш.
„Богатството од познавањето на македонскиот јазик ќе ми остане засекогаш – ќе го носам со себе, читајќи ги преводите на Вилијам Шекспир од Драги Михајловски, слушајќи македонски песни и користејќи го јазикот во секоја прилика. Честит Ден на македонскиот јазик“,
наведува Лосон.
