Според министерот за индустрија и трговија Јозеф Сикела, проблемот со високите цени на енергијата и гасот е проблем на цела Европа, а во тој случај, како што кажа, наједноставното решение се бара на европско ниво
Чешка, која претседава со Европската Унија, размислува да организира вонреден самит на ЕУ за енергетика поради неконтролираните цени на струјата, изјави денеска министерот за индустрија и трговија Јозеф Сикела.
„Пазарот е надвор од контрола, флуктуациите на пазарните цени престануваат да реагираат на добри вести и се акумулираат само лоши вести, а тоа ги крева цените нагоре. Тоа е проблем на цела Европа и секако, ако имате европски пазар и европски проблем, тогаш наједноставното решение се бара на европско ниво“,
изјави Сикела додавајќи дека Чешка ќе поддржи регулирање на цените на струјата и поставување на горна граница за поскапување.
Тој додаде дека драматичното зголемување на цената на електричната енергија за 20 отсто пред два дена е ургентна тема.
Ниту конзервативниот премиер Петр Фијала повеќе не ја отфрла регулацијата на цените, кој синоќа по средбата со претседателот Милош Земан изјави дека состојбата со цените на струјата ги надминува и најлошите очекувања.
Последен пат кога цената на струјата дивееше беше кога Русија најави дека накратко ќе ја запре испораката на гас преку гасоводот Северен тек, а веднаш по викендот, во понеделникот, цената на струјата на берзата во Лајпциг го надмина историскиот рекорд од 700 евра за мегават-час.