Од моментот на отворање на страницата vakcinacija.mk, потребни се најмногу 10 минути за да се пополни целата апликација за вакцина против ковид-19. Но, процесот не може да се заврши бидејќи не функционира системот за добивање код по СМС порака, што е неопходен чекор
Од Министерството за здравство велат дека се прават последните „технички прилагодувања“
Министерството за здравство денеска ја „пушти во употреба“ интернет страницата на која граѓаните ќе можат да се пријават за вакцинација против ковид-19. За да се почне процесот, едноставно треба да се отиде на vakcinacija.mk. Но, барем засега, ништо понатаму не оди лесно.
И на интернет – чекална
Веројатно очекувано, сајтот е преоптоварен па нема место за сите. За оние што не се разбираат многу од компјутери, секоја интернет страница има свој „капацитет“ а на vakcinacija.mk во моментов има повеќе корисници отколку што порталот може да поднесе. Утрово, граѓаните се жалеа дека воопшто не можеле да ја отворат страницата. Во моментов функционира „елегентно“ решение – воведена е интернет чекалница.
Во нашиот случај, пораката гласеше : „Дојдовте на ред. Благодариме на трпението. Вашето време на чекање е 4 минути“
Откако поминаа тие 4 минути, системот ни дозволи од чекалница да одиме „на шалтер“ . Прво, пред граѓанинот се појавува информација во три точки, која се препорачува да се прочита. На кратко, Министерството информира дека вакцинацијата е доброволна, дека со регистрацијата граѓанинот се регистрира директно во „Мој термин“ и дека за точниот датум на вакцинација ќе ве информира матичниот лекар.
Под овој информативен дел се појавуваат полињата за пополнување податоци. Не се многу и се е јасно напишано. Но…
Испрати код, но кодот не стига…
Првите податоци кои се бараат се името и презимето на граѓанинот. Потоа следи матичниот број. Дотука се оди „мазно“.
Потоа се бара мобилен телефон за контакт, а под него има линк со кој граѓанинот би добил безбедносен код за да може да ја заврши апликацијата.
Но, и по половина час чекање (првото барање го испративме околу 11:50 часот), не ни стигна безбедносен код. Обидите, повторно да го стиснеме „копчето“ за испраќање код не дадоа резултат.
Вакцинација само во 36 пункта во државата?
Додека да се добие код, секако може да се пополнат преостанатите податоци. Задолжително мора да се внесе адреса на електронска пошта (e-mail адреса) и да се избере каде сакате да се вакцинирате.
При изборот на пункт за вакцинација, мора да изберете од постоечката листа. Она што остава впечаток е дека на листата има вкупно 36 пункта, во најголем дел здравствени домови и општи болници. Само во Скопје има опција да се бира меѓу три пункта и тоа поликлиника „Јане Сандански“, поликлиника „Чаир“ и поликлиника „Букурешт“. Најавите од здравствените власти, барем за Скопје, беа дека во Скопје ќе се вакцинира во сите поликлиники. Но, засега, нив ги нема на списокот.
Останатите 33 вакцинални пункта кои можат да се изберат на апликацијата се:
- ЗД Берово;
- ЗД Битола;
- ЗД Валандово;
- ЗД Велес;
- ЗД Вевчани;
- ЗД Виница;
- ЗД Гостивар;
- ЗД Делчево;
- ЗД Демир Хисар;
- ЗД Кичево;
- ЗД Кратово;
- ЗД Крива Паланка;
- ЗД Крушево;
- ЗД Куманово;
- ЗД Македонски Брод;
- ЗД Македонска Каменица;
- ЗД Неготино;
- ЗД Охрид;
- ЗД Пехчево;
- ЗД Прилеп;
- ЗД Пробиштип;
- ЗД Радовиш;
- ЗД Ресен;
- ЗД Ростуше;
- ЗД Свети Николе;
- ЗД Струга;
- ЗД Струмица;
- ЗД Тетово;
- ЗД Штип;
- ОБ Гевгелија;
- ОБ Дебар;
- ОБ Кавадарци;
- ОБ Кочани.
(12:46 ч.) Здравство: Се прават технички прилагодувања
Речиси еден час по пополнувањето на аплацијата, се уште не можеме да ја завршиме апликацијата. Причината е што не функционира системот за добивање безбедносен код по СМС порака.
Во меѓувреме, од Министерството за здравство стигна кратка информација дека се прават „технички прилагодувања“.
„Министерството за здравство информира дека во моментов се прават последните технички прилагодувања на веб-страницата преку која граѓаните ќе можат да се пријавуваат со изразување заинтересираност за вакцинација против КОВИД-19. Штом се овозможи целосна функција на веб-страницата, ќе информираме повторно“
соопштија од Министерството за здравство.
(веста се надополнува)