Нема привилегии за лица со решенија за домашна изолација и домашно лекување ниту, пак, за повеќекратно тестирање на сопствена иницијатива, порача директорката на ДСЗИ, Ирина Сотирова-Бухова, на денешната прес-конференција поврзана со случајот со кумановскиот градоначалник. Таа рече дека не доволно лицето само да се јави на телефонскиот број 192 , туку тоа мора да го направи исклучиво во координација со матичен лекар и епидемиолог.
„Се поставува дилема што ако сите 994 лица кои се позитивни, со лесна слика или асимпотоматски, а се изолирани со решение од ДСЗИ, што би се случило и на која опасност би биле изложени сите ние ако тие луѓе излезат самоиницијативно и тргнат надвор од протоколот. Зошто некој би бил привилегиран да може да излегува и да ги крши алгоритмот и протоколот, да се тестира 2,3,4 дури и 6 пати, а некој да мора да го почитува протоколот и да седи 14 дена во самоизолација.“
изјави Сотирова-Бухова.
Таа посочи дека Државниот здравствен и санитарен инспекторат не спроведува надзор во општините и нема обврска таму да доставува записници од извршените контроли во здравствените установи. Во изминатиот период, како што рече, извршиле надзори во Центарот за јавно здравје во Куманово, Здравствен дом Куманово – Единица за итна медицинска помош, Општа болница Куманово – Одделение за инфективни болести, и притоа во овие установи е напишан и оставен записник кој е потпишан од присутно лице од установата, потоа и доставен менаџерите на тие установи.
Директорката на ДСЗИ не посочи имиња за кого станува збор, но потенцира дека во врска со случувањата во Куманово освен прекршочни пријави веќе е инициран и стручен надзор во Лекарската комора.