Како што истакна јавниот обвинител, Љубомир Јовески, македонското обвинителство ги предаде ДНК профилите на несреќно загинатите патници со информации за вид на сродството, записници од испитување на осум сведоци за трагедијата, како и предметот оформен во Министерството за транспорт и врски за „Беса транс“ и документација за автобусот со кој располага МВР
Државниот јавен обвинител Љубимир Јовески, на заедничка прес-конфернеција со бугарските обвинители во Скопје, рече дека се обезбедуваат и други докази, а се продолжува и со сослушување други лица кои може да дадат сознанија за расчистување на трагичниот настан
ДНК-профилите за идентификацијата на жртвите во тешката автобуска несреќа во Бугарија, заедно со записници за испитување на осум сведоци, како и целокупната документација за автобусот од компанијата „Беса Транс“ и Министерството за транспорт и врски, денеска се предадени на бугарските обвинители, од страна на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.

„Сакам да ја нагласам професионалната соработка што ја имаме со колегите од Бугарија. Наидовме на целосно разбирање кај обвинителството на Бугарија и веќе од утре двајца наши експерти од судска медицина ќе заминат за Софија со цел забрзување на постапката за идентификација и предавање на телата на нивните семејства“,
рече Јовески.
Во ОЈО Скопје, посочи Јовески, е отворен предмет за „Беса Транс“ и овие податоци што ги собираат на барање на бугарските обвинители, во исто време, ги користат и во тој предмет, а со цел расчистување на сите ситуации поврзани со несреќата, од документација за автобусот до тоа како тој ги поминувал границите.

„Ние ги прибираме потребните документации, а потоа ќе донесеме соодветна одлука. Веднаш по сообраќајната несреќа документацијата од компанијата ‘Беса Транс’ е одземена. Ве уверувам за кое било лице доколку има основа, Обвиниелството ќе отвори постапка“,
изјави Јовески.
Истражителот во Националната истражна служба на Република Бугарија, Младен Христов Петров, изрази сочувство до семејствата на жртвите и посочи дека блиската меѓусебна соработка, постојана комуникација и постојаната деноноќна работа од моментот на несреќата досега, овозможиле за брзо време да се дојде до солидни резултати и можност за брза идентификација.
„Благодарам за напорната работа на ЈО на РСМ, добрата соработка со Вилма Рускоска и професионалната соработка на сите структури од МВР, Министерството за транспорт и од судска медицина, што овозможи за брзо време да располагаме со многу докази и во име на човештвото да скратиме многу бирократија. Придржувајќи се кон законот и прописите, да се вратат телата за да бидат погребани“,
изјави Петров.
Петров посочи дека се работи на сите верзии кои не се отфрлени, но бидејќи несреќата е голема и се собираат многу докази, во ваква ситуација истрагата треба да продолжи и не може да се даде дефинитивна верзија за причините за несреќата.
„Сопственикот на фирмата е сослушан во раните часови. Со него интензивно се соработува на територија на Северна Македонија и тој е достапен на надлежните институции“,
изјави Петров.
Заменикот окружен јавен обвинител на Окружното јавно обвинителство Перник, Бисер Јорданов Михајлов, изразувајќи сочувсто на роднините на жртвите, посочи дека координацијата меѓу судските и државните власти на двете земји и меѓусебната соработка е на високо ниво.
„Откако се случи несреќата, институциите постојано соработуваат и работата на расчистување на случајот. Ќе продолжиме со исто темпо и по ДНК анализата телата ќе бидат вратени во најбрз можен рок“,
изјави Михајлов.
Прашан дали патот и лошата сообраќајна сигнализација се можни причини за несреќата, Михајлов рече дека откако ќе бидат завршени сите анализи и експертизи, тогаш ќе може да имаат конечен одговор дали лошата сигнализација е некаква причина за сообраќајната несреќа.
За истото, Петров изрази уверување дека сите претпоставки и прашањата што се поставуваат во медиумите се проверуваат и дека моментално експертската служба за пожари работи и очекуваат да ги утврдат причините за избувнување на пожарот.