Никој нема право да ја злоупотребува трагедијата на украинскиот народ на таков арогантен и непринципиелен начин, пишува во соопштението на бугарското МНР, за кое бугарските медиуми наведуваат дека е реакција на тоа што во земјава се прават паралели помеѓу односот и политиките на Русија кон Украина со тие што ги има Бугарија кон Северна Македонија
Бугарското Министерство за надворешни работи денеска излезе со ново соопштение во кое реагира дека во Северна Македонија се поттикнува антибугарско расположение од политичари и јавни личности кои за таа цел ја злоупотребуваат руската воена агресија во Украина.
„Во врска со низата провокативни и злонамерни антибугарски коментари изминатите неколку дена од страна на политичари и јавни личности во Република Северна Македонија, Министерството за надворешни работи изразува загриженост дека злонамерната кампања против нашата земја има за цел да поттикне антибугарско расположение. Уште позагрижувачки е што се прават обиди за намерна злоупотреба на трагичните начини во Украина како резултат на руската воена агресија. Сметаме дека ваквите цинични обиди мора категорично да се отфрлат. Никој нема право да ја злоупотребува трагедијата на украинскиот народ на таков арогантен и непринципиелен начин“,
пишува во соопштението на бугарското МНР.
Оттаму додаваат дека ваквата кампања може негативно да влијае врз позитивните трендови што се забележани во политичкиот дијалог во последните месеци.
Повеќе бугарски медиуми соопштението го толкуваат како реакција на тоа што во земјава се прават паралели помеѓу односот и политиките на Русија кон Украина со тие што ги има Бугарија кон Северна Македонија.