Демократска Бугарија најави дека ќе побара од претседателот Радев да стави вето на законот за враќање на хартиеното ливче за гласање
Бугарскиот претседател, Румен Радев, денеска ќе оствари консултации со претставници на партијата Демократска Бугарија, соопштија од прес-службата на претседателската администрација.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, според бугарскиот Устав, претседателот има консултации со парламентарните партии и коалиции во 48. Народно собрание пред да го врачи првиот мандат за формирање влада.
Демократска Бугарија најави дека ќе побара од претседателот Радев да стави вето на законот за враќање на хартиеното ливче за гласање.
Радев ги почна консултациите на 26 октомври со најголемата пратеничка група во новиот парламентарен состав ГЕРБ-СДС, по што се сретна и со Промените продолжуваат, ДПС, Препород и БСП за Бугарија.
Ова е најдолгиот период на консултации (29 дена) со претставници на парламентарните партии во поновата бугарска политичка историја по падот на комунистичкиот режим на Тодор Живков на 10 ноември 1989 година.
Најкраткиот период на консултации беше летото 2005 година – годината кога тогашниот претседател Георги Прванов го додели мандатот на тројната коалиција составена од Бугарската социјалистичка партија, Движењето на Симеон Саксобурготски и Движењето за права и слободи. Тогашниот лидер на БСП Сергеј Станишев стана премиер на оваа социјал-либерална коалиција, со која владееше до летото 2009 година.