Николај Крстев, поранешен дописник за Бугарското национално радио од Скопје, смета дека јазикот не треба да биде проблем меѓу Бугарија и Северна Македонија
Јазикот во Македонија не треба да претставува проблем меѓу нашите две држави и на него треба да се гледа како на проблем од минатото, смета бугарскиот новинар Николај Крстев.
Во интервју за порталот „Квадрат5.бг“, Крстев, кој важи за добар познавач на балканските состојби, наведува дека во моментов Србија и Грција имаат многу подобри односи со Македонија отколку Бугарија, која, како што вели, „повторно е во рововите и војува со Македонија и за Македонија“.
„Сепак, тоа е независна држава, а македонскиот јазик е факт. Треба да ја прифатиме реалноста. Договорот што го склучивме пред три години сега треба да го наполниме не само со историја, туку и со бизнис, иновации и со стратегии“,
истакнува Крстев.
Според него, Македонците немаат никој поблизок од Бугарите.
„Едноставно тоа е една млада држава и процесите се уште се развиваат. Добро е што стана членка на НАТО во месеците на пандемијата“,
додава Крстев.
Во контекст на изборите во земјава, Крстев смета дека СДСМ ќе ги задржи своите позиции, па дури и дека ќе ги зацврсти.
„Нивниот министер за здравство доста добро се справи со епидемијата со коронавирусот, независно што состојбата последниве денови е влошена. Во целина, избегнати се многу посериозни штети. Сметам дека Зоран Заев е многу добра варијанта за премиер на нашиот западен сосед“,
заклучува Крстев, кој е поранешен дописник на Бугарското национално радио од Скопје, Белград и Москва.