Нашата дипломатија мора да има крајно рафинирани начини на дејствување. Од една страна, треба да ги заштити нашите национални интереси, а од друга, треба да покаже дека Република Северна Македонија има место во европското семејство со цел во неа да не започнат деструктивни процеси кои може да доведат до нејзино распаѓање, вели историчарот од БАН
Бугарскиот историчар Воин Божинов, кој е дел од Бугарската академија на науките (БАН), вели дека од стратешки интерес на Бугарија е Северна Македонија да постои како независна држава, бидејќи на тој начин се раскинува копнената врска помеѓу Србија и Грција, која во минатото секогаш ја задушувала Бугарија.
„Нашата дипломатија мора да има крајно рафинирани начини на дејствување. Од една страна, треба да ги заштити нашите национални интереси, а од друга, треба да покаже дека Република Северна Македонија има место во европското семејство со цел во неа да не започнат деструктивни процеси кои може да доведат до нејзино распаѓање. Нашиот генерален интерес е Република Северна Македонија да постои како независна држава бидејќи нејзиното присуство на картата ја раскинува копнената врска помеѓу Србите и Грците, што е наш голем интерес бидејќи тоа е граница што секогаш ја задушуваше Бугарија“,
вели Божинов за бугарското национално радио – БНР.
Историчарот зборува и за односот на САД, при што оценува дека новоизбраниот претседател Џо Бајден нема да биде водечката фигура во американската надворешна политика, но констатира дека притисокот од Вашингтон ќе расте.
Покрај за Вашингтон, во неговото гостување на БНР, Божинов зборува и за Германија.
„Крајно време е земја како Германија да каже каква позиција зазема за ова прашање, дали стои зад членка на ЕУ или зад земја која е кандидат за членка на ЕУ. Германија, очигледно, има големи политички и економски интереси на Балканот. Проширувањето на ЕУ, значи и проширување на германското влијание во нашиот регион“,
вели Божинов.
Тој ги коментира и потезите на Скопје со назначувањето на Владо Бучковски за специјален претставник во Софија, како и неговите средби со бугарските политички лидери, при што оценува дека Бугарија испраќа различни сигнали.
„Големи се надежите во Скопје дека можат да направат чекор напред по изборите во Бугарија. Средбата на Бучковски со Корнелија Нинова (лидерка на опозициската Бугарска социјалистичка партија – БСП) беше многу интересна, бидејќи Скопје очигледно сакаше да ги испита плановите на најголемата опозициска партија. Но, тој (Бучковски), ја напушти Софија со свиткана опашка“,
вели Божинов.
Историчарот коментира и дека во С Македонија постои антибугарска хистерија што, според него, покажува дека македонизмот не е само идеологија туку ментална девијација. Тој порачува дека омразата носи негативна реакција и оти Скопје мора да сфати дека не треба да има таков пристап.
Во гостувањето на БНР, тој зборува и за евентуалните последици од блокирањето на евроинтеграцијата.
„Евентуалното одложување на процесите на европската интеграција на Република Северна Македонија ќе покрене сериозни прашања. Едно од нив е и за обединувањето на Албанците во ЕУ, бидејќи ако не го добијат тоа што го сакаат, можат да ја свртат другата страна на плочата“,
вели Божинов.