БНТ утре ќе реемитува филм со сведоштва во кои се тврди дека Бугарите биле прогонувани во Македонија по Втората светска војна, дека имало масовни стрелања, како и со тврдења дека Павел Шатев велел оти мнозинството население тука се чувствуваат како Бугари. Овој филм, според БНТ, е за младите генерации во Северна Македонија да ја знаат вистината, бидејќи со години учат дека Бугарија е најголема закана
Дали знаете за македонскиот крвав Божик по 1945 година, за фабрикуваните процеси против луѓето кои имале бугарска самосвест, за промената на имињата на луѓето, од кои на многумина и постхумно? Не Грнчаров, туку Грнчаровски, а потоа Грнчаровски стана Грнчаровиќ. Не Драго, туку Драгутин … – и сето тоа се случува по неговата смрт. И промената на имињата не доаѓа од роднините, туку од надлежните.
Што се случи во Вардарска Македонија по крајот на Втората светска војна, кога Народна Република Македонија стана дел од Титовата Југославија?
Ова е дел од најавата на првиот канал на Бугарската национална телевизија БНТ1, за документарниот филм „Само затоа што беа Бугари…“, кој ќе го реемитува утре од 15:55 часот, во период на затегнати односи меѓу Софија и Скопје, кога Бугарија го блокира стартот на преговорите на Северна Македонија со Европската Унија.
„Филм за настаните во Македонија по 1944 година. Историјата мора да се знае за да се изгради иднината“,
пишува во најавата на БНТ за филмот чиј автор е Милена Милотинова, а режисер и снимател е Љубомир Станоев.
Станува збор за сведоштва за „злодела против Бугарите и приврзаниците на Бугарија во Македонија“, кои се снимени и првпат емитувани на БНТ во 1999 година.
Во најавата за филмот, БНТ пренесуваат дел од неговата содржина и започнува со тоа дека со децении Тодор Гулев чувал тајна што му ја раскажувал 40-години постариот Трајко Попов, кој случајно бил сведок на масовно стрелање во близина на Велес.
„Стар сум, ќе умрам, но пред тоа ќе ти ја кажам оваа тајна. Да ја кажеш ако дојде денот“,
рекол Трајко.
Понатаму најавата продолжува со изјава на Тодор кој раскажува за тајната што му била откриена:
„Прво помислив да не е (тајна) за некое закопано оружје. Но, кога стигнавме на местото, ми покажа каде биле застрелани. Да ја знаеш оваа тајна, тоа се наши, Бугари, видни истакнати луѓе, но не ја кажувај, млад си – ќе настрадаш. Само ако дојде денот, кажи ја“,
раскажува Тодор.
Според објавеното, моментот Тодор Гулев да ја каже тајната дошол кога во 90-ите години весникот „Македонско дело“ пишувал за масовни гробници и објавил дека бара очевидци.
Во филмот, како што пишува во најавата, се наведува и дека во близина на Велес биле пронајдени коски од 53 лица и се пренесува изјава на новинарот на „Дело“, Петар Гичаровски, за постоење масовни гробници и во Куманово и во Ресен.
Во тој контекст се наведува и сведоштво на Софија Алексиева, која живее во Канада, а со години не ја знаела судбината на нејзиниот исчезнат татко Димитар Алексиев, кој бил градоначалник на Кратово. Еден ден таа добила писмо од историчар од Македонија кој ѝ напишал дека градоначалникот на Кратово бил брутално убиен во Куманово.
„Тој беше убиен заедно со 48 истомисленици. Тој беше убиен без судење и без да добие никаква заштита, беше обвинет дека е приврзаник на бугарската кауза. Веднаш по убиството на татко ти и неговите 48 другари, беа убиени уште 100 лица“,
е цитат од писмото кое Софија Алексиева го чита во филмот.
Овие настани, пишува во најавата на БНТ, според историчарите и до ден денес остануваат една од најголемите дамки во историјата.
„Во Велес беше подигнат споменик. Беше поставена спомен-плоча со имињата на застреланите, но не беше напишана причината за нивната смрт. Од друга страна, и денес во Република Северна Македонија постојат многу спомен плочи кои го споменуваат ’бугарскиот фашистички окупатор‘“,
пишува БНТ.
Во најавата во неколку наврати се споменува и Павел Шатев, тогашен министер за правда во Скопје, кој го замолил Тенчо Мечков од Бугарската легација во Белград за овие настани да го извести Георги Димитров. Така, е презентирано и дел од писмото на Мечков до Димитров, со датум 28 јули 1946 г.:
„Почитуван другар Димитров, сметам дека треба да Ви презентирам резиме на мојот разговор со Павел Шатев, поранешен министер за правда на Македонската народна Република, а во моментов член на Федералното собрание на Југославија и претседател на Президиумот на Македонија. Ова го правам не само зашто тој инсистираше, туку затоа што ставовите на Шатев не се само негови, туку се ставови на групата денешни лидери на Македонија, кои не можат да се договорат за некои точки на политиката што ја спроведува нивната влада. Во Македонија, вели Шатев, се води борба со Бугарите и бугарофилите. Сите оние кои на еден или друг начин го изразуваат своето сочувство кон Бугарија, биле потценети и ги сомничеле дека се михајловисти, сепаратисти и фашисти. Свесни сте за случаите на неоправданите масовни стрелања во Велес, Битола и Штип“,
пишува во писмото кое се претставува во филмот.
Филмот опфаќа уште една изјава на Мечков, која ја испратил во Софија, а во која, исто така, раскажува за ставовите на Павел Шатев:
„Според Шатев, во резулуцијата на 16. пленум на Централниот комитет на БРК е направена тактичка грешка во делот за македонското прашање, каде се споменува бугарско малцинство. Шатев открива дека не треба да се зборува за бугарско малцинство, бидејќи огромно мнозинство од луѓето се чувствуваат како Бугари“.
Се пренесуваат и сведоштва од Охрид за тоа како се однесувале бугарските војници за време на Втората светска војна и се вели дека во септември 1944 г. Бугарија ѝ објавила војна на Германија, а народот во охридско ги бранел Бугарите. Тогаш, според филмот, германските единици околу Охрид ги заробиле бугарските војници, но населението било на страна на бугарските војници и ги криело.
„Вечерта со тапан беше објавена наредба на германскиот командант да се предадат бугарските војници или, во спротивно, Германците ќе го запалат градот. Се сеќавам дека никој не предаде ниту еден бугарски војник. Народот ги чуваше. Ги чуваше како свои“,
сведочи Ангел Куртелов во филмот.
Тој раскажува и дека германскиот командат рекол дека нема да го запали градот ако се соберат 10 килограми злато, па луѓето трчале и носеле што имаат, а неговата мајка дала еден ѓердан. Не успеало да се собере доволно, па на крајот свештеник од црквата „Св. Климент“ го донел крстот.
БНТ наведува дека луѓето кои ги раскажале своите приказни за се надеваат дека ќе бидат прочитани скриените страници на историјата.
„Тие се надеваат дека архивите ќе ги покажат скриените вистини – не за да има одмазда, туку помладите генерации во Република Северна Македонија да ја знаат историјата, тие со години и децении учат дека најголемата закана е од исток, од Бугарија – земјата најблиска до нивните предци, која прва ја призна Република Македонија како независна држава“,
пишува БНТ.