„Најголеми суми се реализирани во Скопје, каде што е и последниот тендер за лунапарк, истата фирма. Кога Орце ветуваше чистење на градот, очигледно мислел на џебовите на граѓаните, бидејќи ѓубрето стои. Пари се чистат на големо. Државата тоне во долгови. Граѓаните едвај преживуваат. Скопје е во хаос“, рече Фрчкоски
На прес-конференцијата тој објави документи за тоа од кои институции фирмата „Мастеф“ добила тендери. Од нив се гледа дека фирмата „Мастеф“ најмногу тендери добила од Град Скопје, но и од Министерството за спорт, како и општините Аеродром и Неготино
Членот на Извршниот одбор на Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ), Јон Фрчкоски, на денешната прес-конференција презентираше нови наводи за скандал поврзан, како што рече, со фирма блиска до власта која добила тендери од институции на централно и на општинско ниво.
Фрчкоски објави дека фирмата „Мастеф ДООЕЛ“ добила 93 тендери во вкупна вредност од 18,3 милиони евра.

Oцени дека станува збор за систем во кој исти фирми континуирано добиваат државни и општински тендери, и побара институциите да ги испитаат овие наводи.
„Фрчат тендери со милионски суми за едни исти фирми блиски до ВМРО-ОКГ. Шемата е добро позната и разработена. Ова е корупциски систем во кој едни исти фирми добиваат сè. На локално ниво. На централно ниво. Во институциите, општините, сите раководени од кадри на ВМРО-ОКГ“,
рече тој.
Според него, на овој начин власта „испумпува“ народни пари и создава систем во кој исти фирми континуирано добиваат државни и општински тендери.
„Власта дели милиони на омилените фирми. Фирмата ‘Мастеф‘ ДООЕЛ добила дури 93 тендери. Вкупната вредност? Над 18,3 милиони евра. Народни пари. Нема ситни пари кога е ВМРО-ОКГ во прашање“,
вели Фрчкоски.
Посочи дека дека најголем дел од тендерите што ги добила оваа фирма се реализирани во Град Скопје, од кои последниот е поврзан со тендер за лунапаркот.
„Најголеми суми се реализирани во Скопје, каде е и последниот тендер за лунапарк, истата фирма. Кога Орце ветуваше чистење на градот, очигледно мислел на џебовите на граѓаните, бидејќи ѓубрето стои. Пари се чистат на големо. Државата тоне во долгови. Граѓаните едвај преживуваат. Скопје е во хаос“,
кажа членот на Извршниот одбор на опозициската партија.
Оцени дека станува збор за невообичаено голем број јавни набавки, додавајќи дека 93 тендери е огромна бројка. Според него, потребни се значително време и ресурси за подготовка и реализација на толкав број тендерски постапки, особено кога се однесуваат на една иста фирма.
„93 тендери. Замислете која огромна бројка е тоа. Колку само време е потребно да се спремат 93 тендери, само за една фирма. Затоа во Македонија нема реформи, нема европско обвинителство, нема ЕУ. Колку повеќе сме далеку од Европа, толку повеќе простор има за местење тендери, за богатење на блиски фирми и за организиран грабеж на државата“,
вели тој.
Од СДСМ побараа институциите да реагираат и да ги испитаат сите наводи поврзани со јавните набавки. Упати и критики до Јавното обвинителство, прашувајќи до кога ќе молчи за случаите што ги објавува партијата.
„До кога Јавното обвинителство ќе молчи? Или чека обвинителот насоки по телефон од премиерот Мицкоски? Колку скандали треба да објави АКТ на СДСМ за конечно институциите да почнат да работат? СДСМ ќе продолжи да ги разобличува сите криминални шеми на ВМРО-ОКГ. Секој тендер. Секоја фирма. Секој милион народни пари“,
истакна Фрчкоски.
На прес-конференцијата тој објави документи за тоа од кои институции фирмата „Мастеф“ добила тендери. Од нив се гледа дека фирмата најмногу тендери добила од Град Скопје, но и од Министерството за спорт, како и од општините Аеродром и Неготино.
