Амбасадорот Ангел Ангелов смета дека сигналите што ги дава бугарската влада се да се намалат емоциите од двете страни и, како што рече, двете земји да влезат во еден прагматичен дијалог, кој ќе го анулира и говорот на омраза.
Оптимистичка порака за надминување на спорот меѓу Скопје и Софија испрати бугарскиот амбасадор во земјава, Ангел Ангелов, при денешната посета во Штип, каде што донираше пакети помош за социјално загрозени семејства.
Тој се надева дека наскоро ќе бидат одблокирани преговорите и смета дека двете држави треба да продолжат да работат во тој правец.
„Јас сум оптимист и треба да продолжиме да работиме во насока за којашто говори и специјалниот пратеник на Владата на Република Северна Македонија, Бучковски, со мали чекори да ја вратиме довербата, а кога ќе ја вратиме довербата, ќе ја најдеме и формулата по која ќе одиме напред“,
рече Ангелов.
Амбасадорот посочи дека сигналите што ги дава бугарската влада се да се намалат емоциите од двете страни и, како што рече, двете земји да влезат во еден прагматичен дијалог, кој ќе го анулира и говорот на омраза.
„Тесно соработуваме со господинот Бучковски. Знаете дека тој неколкупати беше во Бугарија, оствари средба со министерката Захариева и се обидуваме со мали чекори да одиме напред за да ја вратиме довербата. Кога ќе ја вратиме довербата, ќе има напредок“,
додаде Ангелов.