Бугарските власти објавија дека почнуваат со поширок опфат на граѓани кои ќе бидат тестирани за коронавирус.
„Досега ги следевме и тестиравме луѓето за кои имаше сомненија, односни имаа симптоми. Отсега па натаму започнуваме со масовно тестирање на граѓаните. Имаме 20 илјади PCR-тестови. Тоа е сега патот по кој ќе се движиме“,
соопшти бугарскиот министер за здравство, Кирил Ананиев.
Изјавата на Ананиев, дадена од задното седиште на џипот што го возеше бугарскиот премиер Бојко Борисов, со кого заедно патуваа во Банско, беше емитувана во живо на фејсбук-профилот на првиот човек на бугарската влада.
Борисов изјави дека масовната проверка е веќе во тек и се пофали со успехот што го има Бугарија во справувањето со коронавирусот.
„Пред малку Европскиот медицински центар излезе со статистика според која Бугарија има најмалку заразени. Чекаме да пристигнат огромен број тестови кои ги нарачавме од Јужна Кореја. Имаме 18 лаборатории и очекувам да ја исполниме задачата. Господ бара од мене да ве заштитам и нема ништо поважно од тоа да ве сочувам здрави“,
потенцира Борисов.