Од бугарското МНР, сепак, не пропуштија да нагласат дека во Македонија им се крати правото на Бугарите „слободно да се здружуваат и да го бранат своето историско и културно наследство“, очигледно мислејќи на последните случувања околу отворањето на бугарски клубови со контроверзни имиња, по што македонските парламентарци ја изгласаа потребата од носење измени во Законот за здруженија и фондации
Бугарија отсекогаш настојувала да ги зајакне и продлабочи пријателството и добрососедските односи со Северна Македонија. Бугарија вложи многу труд за да ја реализира оваа цел во последните години. Во оваа насока, Министерството за надворешни работи на Бугарија нагласува дека секакви јавни изјави со кои се навредува или провоцира другата страна се апсолутно неприфатливи. Тие не го претставуваат официјалниот став на бугарската држава и обидите да се претстават како такви се неточни и знак на лоша волја. Вакво соопштение објави бугарското Министерство за надворешни работи откако македонското МНР упати протестна нота до официјална Софија поради неодамнешните јавни изјави на членот на Европскиот парламент и копретседател на политичката партија ВМРО-БНД, Ангел Џамбаски. Иако бугарското МНР не го посочува директно името на Џамбаски во соопштението, сепак, реакцијата е во таа насока.
Македонското МНР пред два дена ја повика официјална Софија да ги осуди навредите на Џамбаски упатени кон македонскиот народ и македонскиот премиер и да се огради од него.
„Џамбаски во повеќе наврати изразува иредентистички и територијални претензии кон Република Северна Македонија и упатува тешки навреди кон угледот на високи државни претставници на Република Северна Македонија. Упатувајќи закани и тешки навреди, повредувајќи го достоинството на Република Северна Македонија и нејзините граѓани, г. Џамбаски се однесува спротивно на заложбите и стремежите изразени во Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу двете земји“,
се вели во нотата која македонското МНР ја упати до Бугарија.
Од бугарското МНР, сепак, не пропуштија да нагласат дека во Македонија им се крати правото на Бугарите „слободно да се здружуваат и да го бранат своето историско и културно наследство“, очигледно мислејќи на последните случувања околу отворањето на бугарски клубови со контроверзни имиња, по што македонските парламентарци ја изгласаа потребата од носење измени во Законот за здруженија и фондации. Отворањето на овие клубови предизвика и многубројни реакции и осуди во македонската јавност дека на голема врата се промовира фашизмот во нашата држава која отсекогаш била и е на страната на антифашизмот.
„Без оглед на многубројните провокации против Бугарија и особено кон Бугарите во Северна Македонија во последните месеци, бугарското Министерство за надворешни работи смета дека ваквиот говор е неприфатлив и крајно контрапродуктивен. Ваквите изјави не се во интерес на Бугарите во Северна Македонија. Тие го одвлекуваат вниманието на јавноста од правичниот и легитимен стремеж на бугарската заедница за еднакви граѓански права, особено за слободно здружување и одбрана на нивното културно и историско наследство“,
се наведува во ставот на Софија.
Согласно духот на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка од 2017 година меѓу Бугарија и Република Северна Македонија, од бугарското МНР ги повикуваат политичарите и јавните личности од двете страни на границата „да ги насочат своите напори и пораки за поддршка на процесот на обновување на довербата и воспоставување добрососедски односи“.
Бугарските европратеници Ангел Џамбаски и Андреј Ковачев и вчера во Европскиот парламент не пропуштија да упатат остри критики кон властите во Македонија.
Ковачев изрази разочарување по обединувањето на власта и опозицијата во Северна Македонија околу согласноста да се изгласаат измени во Законот за здруженија на граѓани, а Џамбаски зборуваше за „омраза“ со палењето на бугарскиот клуб во Битола и протестите во Охрид тврдејќи дека законот што се носи во македонскиот парламент е за забрана на бугарски имиња.
Комесарот за европска и соседска политика и проширување Оливер Вархеји рече дека нема да ги коментира овие настани бидејќи се води истрага за нив во земјата, а Европската комисија следи што се случува.
Претходно, пратеничката од Зелените, Тинеле Стрик, побара од Бугарија и од другите земји членки на ЕУ да ги почитуваат дадените ветувања и да внимаваат повторно да нема вето од Бугарија за Северна Македонија.