Експертите во Мешовитата комисија треба да ги решаваат отворените прашања поврзани со историјата, вели експремиерот во интервју за бугарската ТВ Европа
Отворените прашања врзани за историјата треба да ги решаваат експертите од Мешовитата комисијата, која е составена од членови од Бугарија и Македонија. Но, ако Бугарија го искористи правото на вето, ја пропушта историската шанса да им докаже на сите оние што ги оддалечуваат двата народа во изминатите 60 години, дека нашите врски се нераскинливи, вели поранешниот македонски премиер Владо Бучковски во интервју за бугарската ТВ Европа.
На прашањето за ставите на бугарскиот амбасадор во Скопје, Ангел Ангелов и шефицата на бугарската дипломатија Екатерина Захариева, дека Бугарија не е е подготвена да ја прифати преговарачката рамка во оваа форма, Бучковски вели оти е непријатно изненаден.
„Јас лично сум непријатно изненаден. Бев умерен оптимист дека по средбата на министрите Османи и Захариева пред десетина дена во Софија и формирањето работни групи, кои треба да изнајдат решение пред средбите на премиерите Заев и Борисов, не очекував во јавноста да се излегува со вакви изјави какви што беа вчерашните“,
рече Бучковски.
Според него, целата ситуација е комплексна и изрази жалење што поради декларацијата која беше донесена лани во октомври во бугарскиот парламент, како и поради изборите во земјава и пандемијата е изгубена цела една година за поместување на позициите и оти тоа не треба да биде оправдување.
„Но во политиката очигледно многу работи се случуваат зад кулисите во последните неколку месеци и тие не одат во прилог на она што сите го очекуваат, а тоа е Бугарија да продолжи да биде најголемиот промотор и сојузник на нашата Република Македонија на патот кон ЕУ. Да се потсетиме, за време на претседателството на Бугарија со ЕУ, таа направи многу да се врати темата на проширување на ЕУ со државите од Западен Балкан, посебно со Албанија и Македонија. Затоа, за жал, чувството овде во Скопје не е оптимистичко“,
рече Бучковски.
Во однос на Комисијата рече дека за декември е закажана нова средба, а за идната година предвидени се пет нови средби и оти политичарите треба да ѝ дадат можност на оваа комисија да ја продолжи својата работа.
„Дојдоа на критичниот период, на крајот на 19 и почетокот на 20 век. Според мое мислење, во декларацијата на бугарскиот парламент таксативно се наброени три точки, Гоце Делчев, ВМРО и Илинденското востание. Мислам дека ако се искористи правото на вето ќе се скрати можноста Комисијата да најде заеднички прифатливи решенија врз основа на автентични документи. Не може да се фалсификува историјата, не може и тркалото на историјата да се врати назад. Затоа мислам дека ако продолжи работата на комисијата, ако притоа Бугарија го тргне најавеното вето, има време, значи комисијата ќе работи во следните години, нашите преговори со ЕУ ќе траат шест, осум, десет години“,
рече тој.
Додаде дека во последните три години има драматично придвижување напред и она што беше до пред неколку години непоимливо во Македонија, да се признае дека имаме заедничка историја, сега е факт.
„Но треба да најдеме начин како да ја претставиме на пошироката јавност и во Софија и во Скопје дека барањето на заеднички точки, заеднички личности кои нѐ поврзуваат, треба да биде дел од иднината, а не ние да се поделиме за нешто што се случувало пред сто години или да не можеме да дојдеме до клучната фаза, а тоа е да дојдеме до периодот од 1941 до 1944, до кога ќе ја зголемиме довербата меѓу нас“,
вели Бучковски.