„Не може да се заборави сè што направи нашата Македонија. ЕУ мора што побрзо да ни го испорача она што го заслуживме. Каков било исчекор е добар бидејќи европеизацијата на овој дел од Европа е приоритет, а за тоа се доказ затегнатите односи меѓу САД и ЕУ. Европа мора што побрзо да го заврши процесот на проширување и да ги отвори вратите за земјите од Западен Балкан со цел нејзино оцврстување“, изјави поранешниот премиер на земјава во изјава дадена за српската политичко-аналитичка емисија „Синтеза“
Европската Унија заборави на земјите од Западен Балкан. Да не беше кризата во Украина и руската агресија, за жал, дефинитивно ќе бевме надвор од интересот на ЕУ – коментира поранешниот премиер на земјава и професор Владо Бучковски во изјава дадена за српската политичко-аналитичка емисија „Синтеза“.

Проширувањето на ЕУ, додава Бучковски, мора да биде сеопфатно.
„Не може да се заборави сè што направи нашата Македонија. Тоа е најголемата грешка што ја направи Европската Унија кон мојата Македонија затоа што ние бевме лидери во европеизацијата на Западниот Балкан во 2005 година. Сè што се случува создава доза на евроскептицизам. ЕУ мора што побрзо да ни го испорача она што го заслуживме. Мислам дека каков било исчекор е добар, како што вели албанскиот премиер Еди Рама – ‘дајте да влеземе во клубот, не ни треба право на вето, дајте ни придружно членство за да бидеме дел од ЕУ’“,
рече поранешниот премиер на Македонија во интервјуто.
Бучковски додава дека европеизацијата на овој дел од Европа е приоритет бидејќи, како што рече, затегнатите односи помеѓу САД и ЕУ се уште еден доказ дека Европа мора што побрзо да го заврши процесот на проширување и да ги отвори вратите за земјите од Западен Балкан со цел нејзино оцврстување.
Тој смета дека затегнатите односи помеѓу САД и ЕУ се привремени и дека земјава мора да биде во исклучително добри односи и со Вашингтон и со Брисел, но:
„Ако на крај дојде до развод меѓу нив мораме да бидеме на страната на ЕУ, тоа е моето мислење.“
Освен од ЕУ, според Бучковски, Западен Балкан е подзаборавен и од САД бидејќи, како што кажа, Стејт Департментот повеќе не води сметка за Западниот Балкан како што тоа го правеше во изминатите 30 година.
„Мислам дека економојата е тоа што нашите партнери од САД ги интересира во моментов. Ние сме им интересни поради коридорите кои поминуваат низ нашите држави. Но, не го гледаме нивниот интерес за помош во нашето интегрирање во Европската Унија“,
рече експремиерот Бучковски.
