Белата куќа соопшти дека нема индикации дека Украина е вмешана во нападот
Најмалку 93 лица загинаа во пукањето во концертна сала во близина на Москва, јави руската државна новинска агенција РИА, а руските служби потврдија дека се уапсени четворица терористи по нападот во петокот.
Шефот на Федералната служба за безбедност (ФСБ) го информирал рускиот претседател Владимир Путин за приведувањето на 11 лица, меѓу кои и четворица терористи, кои се директно вклучени во терористичкиот напад на „Крокус“, објави Кремљ, пренесе Ројтерс.
Одговорноста за нападот ја презеде екстремистичката група „Исламска држава“, која на Телеграм наведе дека нејзини членови извршиле напад на голем собир кој се одржувал во предградие на руската престолнина Москва.
Нападот во концертната сала „Крокус“ во Красногорск во близина на Москва се случи пред настапот на групата „Пикник“. Руските медиуми јавија дека напаѓачите фрлале експлозиви што предизвикало голем пожар во концертниот простор кој собира околу 6 000 луѓе.
Белата куќа соопшти дека нема индикации дека Украина е вмешана во нападот.