„Сепак, ситуацијата останува неизвесна и остануваат голем број нерешени прашања, вклучувајќи го присуството на морски мини, условите што ќе ги наметне Иран и како сè ќе се спроведе во пракса. Сите овие аспекти треба да се разјаснат пред да може да се разгледа каков било транзит“, вели директорот на Норвешката асоцијација на бродари

Бродските компании реагираат со претпазлив оптимизам на објавата на Иран дека Ормускиот Теснец сега е отворен, но лидерите во индустријата инсистираат дека им се потребни дополнителни гаранции пред целосно да продолжат со работа, пишува британски „Гардијан“.
Кнут Арилд Хареиде, извршен директор на Норвешката асоцијација на бродари, вели дека го поздравуваат овој развој доколку тое е чекор кон повторно отворање.
„Сепак, ситуацијата останува неизвесна и остануваат голем број нерешени прашања, вклучувајќи го присуството на морски мини, условите што ќе ги наметне Иран и како сè ќе се спроведе во пракса. Сите овие аспекти треба да се разјаснат пред да може да се разгледа каков било транзит“, вели тој.
„Маерск“, втората најголема компанија за контејнерски превоз во светот, објави соопштение во кое го поздравува повторното отворање на теснецот, но рече дека неизвесноста сè уште постои.
„Го поздравуваме објавеното примирје и јавните изјави дека комерцијалниот премин низ Ормускиот Теснец може повторно да биде можен – иако засега за ограничен период“,
се вели во соопштението.
Оттаму додаваат дека прекинот на огнот може да создаде можности за транзит, но сè уште не обезбедува целосна поморска сигурност и „треба да ги разбереме сите потенцијални услови што се поврзани“.
Германската бродска групација „Хапаг-лојд“ соопшти дека работи на тоа нејзините бродови да пловат низ теснецот што е можно поскоро, но додаде дека им е потребна поголема јасност.
„Добра вест е што се чини дека има одреден напредок во преговорите меѓу САД и Иран. Сепак, ситуацијата околу Ормускиот Теснец останува нестабилна. Дали најавеното отворање навистина ќе се одржи, ќе стане јасно во наредните денови“,
додаваат од групацијата.
Петтата најголема бродска компанија во светот има шест бродови кои се заглавени во Заливот од почетокот на војната со Иран и за Би-би-си велат дека сè уште има прашања на кои треба да се одговори пред да може да се врати на водниот пат, „но тие може да бидат решени во следните 24 часа“.
Прашањата што треба да се решат вклучуваат осигурителна покриеност и обезбедување дека има доволно јасност од иранските власти за тоа кој морски коридор треба да го користи и како.
Раководителите работат на овие прашања, но компанијата „би сакала да го помине теснецот што е можно поскоро“.
Бродското здружение „Бимко“, исто така, ги предупреди членовите да не се враќаат во теснецот.
„Статусот на заканите од мини е нејасен и ‘Бимко’ верува дека бродските компании треба да размислат за избегнување на областа“,
рече Јакоб Ларсен, главен службеник за безбедност и сигурност на „Бимко“.
Иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи денеска објави дека Ормускиот Теснец е отворен за целиот комерцијален сообраќај и оти одлуката е донесена во согласност со прекинот на огнот меѓу Израел и Либан и ќе важи до неговото истекување.
По објавувањето на ваквата одлука на Иран, цените на нафтата паднаа, а глобалните пазари се зголемија.
