Се чека одобрение од производителот „Фајзер“ за да може Србија да ги испорача ветените вакцини за С Македонија. Ова денеска го соопшти српската премиерка, Ана Брнабиќ.
„Сè е подготвено за Србија да и ја предаде донацијата на вакцините на Фајзер на Северна Македонија, но се чека дозвола на тој американски производител“,
рече Брнабиќ одговарајќи на новинарско прашање, јави МИА.
Таа појасни дека договорот меѓу Србија и „Фајзер“ предвидува дека вакцините не можат да се извезуваат.
„Имаме одредени количини на вакцини наменети за донација во Северна Македонија, единствено што се чека е техничката документација, односно официјалното одобрување од ‘Фајзер’ дека нивните вакцини можат да бидат донирани“,
додаде Брнабиќ.
Таа посочи дека разговарала со директорот на „Фајзер“ за да добијат одобрување за донацијата што е можно поскоро, а оти претседателот на Србија, Александар Вучиќ, ги повлекол личните врски со САД за да ја добијат таа согласност.
„Се надеваме дека сè ќе се заврши во следните неколку дена“,
рече Брнабиќ.
Испораката на вакцини во Северна Македонија како донација од Србија, која беше најавена за денеска (11 февруари) беше одложена за следните неколку дена, а како причина двете влади ја наведоа техничката документација.