Актуелната српска премиерка Ана Брнабиќ е еден од кандидатите за премиер и во идната влада. Таа потврди дека претседателот Александар Вучиќ сериозно размислува да влезе во коалиција со лидерот на Српскиот патриотски сојуз (СПАС), Александар Шапиќ и наведе дека таа е еден од двајцата кандидати за премиер на новата влада.
Според неа, Вучиќ бил многу разочаран од некои нему блиски лица и дека тешко ја поднел поддршката што ја има дадено коалицискиот партнер, Социјалистичката партија на Србија (СПС) на протестите на опозицијата во Белград.
„Александар Шапиќ покажа дека сака и знае како да се бори и тој покажа дека во моментите кога нашите коалициони партнери, пред сè мислам на СПС, не се бореа така, како и некои од СНС“,
изјави таа.
Брнабиќ во гостувањето на ТВ Пинк не сакаше да открие кој е другиот кандидат за премиер.
Вчера во Белград се конституира новиот српски парламент кој брои 250 пратеници. Според резултатите од изборите, кои беа бојкотирани од поголемиот дел на опозицијата собрани околу коалицијата Сојуз за Србија (СзС), листата „Александар Вучиќ – за нашите деца“ на СНС има 188 пратеници, листата на СПС има 32 мандати и изборната листа СПАС на Александар Шапиќ има 11 пратеници. Останатите пратенички места им припаднаа на малцинските партии во Србија.
Од конституирањето на новото свикување на Собранието започна рокот од 90 дена за формирање на новата српска Влада, која според српскиот претседател Александар Вучиќ, треба да биде формирана до крајот на овој месец.