Британското Министерство за одбрана очекува најтешките борби да се префрлат на југ, кон 350-километарската линија на фронтот што се протега од близина на Запорожје до Херсон, паралелно со реката Днепар.
Запорожје, кое се наоѓа на истата река на југоисток, е дом на украинската нуклеарна централа окупирана од Русија, која е најголема во Европа. Херсон, пак, е поврзан со стратешки важна железничка рута до окупираниот црноморски полуостров Крим.
„Долгите конвои руски воени камиони, тенкови, теренска артилерија и друго оружје продолжуваат да се оддалечуваат од украинскиот регион Донбас и се упатуваат југозапад. Исто така, беше пријавено дека опрема се движи од Мелитопол, Бердијанск, Мариупол, окупирана од Русија, и од континентална Русија преку мостот Керч во Крим“,
се вели во соопштението од британското разузнавање.
Велика Британија соопшти дека украинските сили на југот се обидуваат да ги попречат руските рути за снабдување со блокирање, оштетување или уништување на железничката инфраструктура и мостови.
Руското министерство за одбрана пак, денеска изјави дека во воздушните и артилериски напади во регионите Херсон и Дњепропетровск се убиени речиси 600 украински војници и сојузнички платеници.
„Повеќе од 400 украински војници загинаа во напад на привремена база во близина на селото Билохирка во Херсон. Покрај тоа, повеќе од 70 војници беа убиени и 150 ранети од ракетни напади на други места на фронтот Херсон, рече тој. Повеќе од 80 „странски платеници“ загинаа во ракетни напади во регионот Дњепропетровск“,
вели портпаролот на министерството Игор Конашенков.
Тој, исто така, соопшти дека биле уништени неколку украински артилериски системи во изминатиот ден во регионот на Харков, вклучително и напреден повеќеракетен фрлач HIMARS испорачан од САД.
Москва неколку пати во минатото известуваше за уништување на овие системи за оружје, но Киев и Вашингтон ги негираа таквите тврдења.