Телото на 67-годишниот новинар на Би-би-си, Мајк Мосли било пронајдено во карпест предел крај плажата Агиа Марина
Презентерот и новинар од Би-би-си, Мајк Мосли е пронајден мртов утринава на грчкиот остров Сими. Според информациите, телото било пронајдено во карпест предел на островот со помош на камери и дронови. 67-годишниот новинар исчезна во средата откако отишол на прошетка на една од плажите на островот, а според полициски извори, првично се верува дека починал по пад од карпи.
„Телото е пронајдено во близина на ограда. Не е помрднато од локацијата, а блиску до плажата имало деца кои си играле во морето“,
пишува Би-би-си.
Телото било пронајдено од сопственик на бар кој неколку дена заедно со локалното население и новинари го барале исчезнатиот новинар. Теренот се пребаруваше и со хеликоптери, а потрагата траеше пет дена во ек на екстремно високи температури. Во потрагата беа вклучени пожарникари, кучиња, хеликоптери, дронови, локалното население, како и полицијата.
Градоначалникот на Сими, Лефтерис Папакалодукас, кој учествуваше во потрагата по новинарот, за телевизијата Опен рече дека Мосли најверојатно паднал и починал.
„Бев во чамецот со кој отидовме да ја најдеме пештерата за која рекоа дека е можно да отишол. Камерите снимаа и камерата на ЕРТ сними предмет, покрај оградата, на десет метри од плажата. Човекот е мртов. Како е можно? Стигнал до неговата дестинација и на десет метри од плажата на која има 200 луѓе никој не го видел. Паднал и загинал“,
рече Папакалоудукас.
Мосли на островот бил на одмор заедно со неговата сопруга и пријатели. Во средата заминале на плажа, по што новинарот одлучил да се врати сам, пеш, а не го носел мобилниот телефон.