Главниот преговарач на Унијата Мишел Барние изјави дека во моментов трговскиот договор е малку веројатен
Европската Унија и Велика Британија ни денеска не успеаја да постигнат договор за трговските врски по Брегзит, а преговарачите изјавија дека постои објективен ризик тоа воопшто да не се случи.
Ова предизвикува загриженост за долгорочните економски последици ако не биде постигнат договор пред крајот на годината.
Главниот преговарач на ЕУ, Мишел Барние, изјави дека во моментов договор е малку веројатен и Велика Британија не е подготвена да се помрдне од мртвата точка за правилата за риболов и правилата за конкуренција по Брегзит“, јави Би-би-си.
„Со своето одбивање да се обврзе на условите за отворена и фер конкуренција и избалансиран договор за риболов, Велика Британија во моментов го прави малку веројатен трговскиот договор“,
кажа тој пред новинарите по состанокот во Лондон.
Барние додаде дека договорот треба да биде усвоен најдоцна до октомври, за да може да биде ратификуван пред да заврши сегашниот транзициски период по Брегзит.
Преговарачот на Велика Британија, Дејвид Фрост, исто така, ги наведува риболовот и конкуренцијата како области каде се уште има значителни разлики.
„Останува значителен јаз во најтешките области, а тоа се риболовот и конкуренцијата. Отсекогаш бевме јасни дека нашите принципи во овие области не се едноставни за преговарање, туку дека очекуваме дека на крајот од транзицискиот период ќе бидеме целосно независна земја“,
рече Фрост.
Тој додаде дека договорот е можен доколку ЕУ ги промени своите ставови со кои настапува во преговарите.
Велика Британија официјално се повлече од членството во ЕУ на 31 јануари и во моментов преговара со Брисел за идните трговски врски, по преодниот рок што го доби Лондон до крајот на годината.