Бразилскиот претседател Жаир Болсонаро пред поддржувачите пред претседателската палата во Бразилија објави дека, поради симптоми кои се карактеристични за ковид-19, направил тест и рендгенска снимка на белите дробови.
„Сега се вратив од болницата, направив снимање на белите дробови, белите дробови ми се чисти. Отидов да направам тест за ковид, но сè е во ред“,
рече тој.
Болсонаро, кој важи за еден од најголемите противници за носење маски, овој пат беше со маска и ги предупредуваше присутните да не му се доближуваат.
На новинарско прашање за извештаите во медиумите дека Болсонаро има температура, Синтија Македо, портпаролка на претседателот, за Си-ен-ен изјави дека нема такви информации.
„Не ги потврдуваме тие информации во овој момент“,
истакна таа, додека од кабинетот на Болсонаро соопштија дека резултатите од тестот се очекуваат денеска.
Во март весникот „Гардијан“ објави дека Болсонаро е позитивен на коронавирус, по тестирањето направено откако по посетата на Палм Бич, каде што бил со американскиот претседател Доналд Трамп, во неговата делегација се наоѓал секретарот за односи со јавност Фабио Вајнгартен, кај кого беше потврдено дека е позитивен на коронавирусот.
Бразил е на врвот на листата на земји со најголем број заразени и починати од ковид-19.
Според „Ворлдометерс“ во оваа земја има 1 626 071 заразени и 65 556 починати.