Спротивно на бившиот директор на ЕЛЕМ, Божиновски денеска сведочеше и дека од него не добивал партиски документи или пари. Она што му го доставувал Чинговски, тврдеше тој, биле само пратки поврзани со работата на државната компанија
Обвинителката Лиле Стефанова, пак, за Божиновски кој се појави како сведок на одбраната, имаше само едно прашање: „Дали е точно дека тој заедно со Груевски се обвинети во две постапки за дејствија поврзани со располагање на парите на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ?“
Поранешниот генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ (август 2011-јули 2013) и на Владата (јануари 2010-јуни 2017), Кирил Божиновски, денеска во Основниот кривичен суд сведочеше во случајот „Плацови на Водно“ тврдејќи дека никогаш му нема дадено пари на поранешниот партиски лидер Никола Груевски, кој е обвинет дека со партиски донации купувал плацови.
Божиновски во судница се појави како сведок предложен од одбраната, а тврдеше и дека никогаш немало обратна ситуација: Груевски да зеде донација од негово, па да му ги даде пари на него.
„Мене ми нема дадено пари, дали тој примил некоја донација, јас немам таква информација“,
рече Божиновски.
Тој рече дека и немал некоја приватна комуникација со Груевски, но самата функција што ја извршувал налагала повремено да се среќаваат.
Одговарајќи на прашањата од адвокатот на Груевски, Божиновски во судницата тврдеше дека бившиот премиер никогаш не му кажал дека купил некакво земјиште ниту, пак, му споменал, исто како што е за станови во Скопје.
„Дали додека бевте генерален секретар побарал од вас да направите некаква активност во врска со земјиште или станови во Скопје“,
беше едно од прашањата на адвокатот, на што тој одговори: „Апсолутно не“.
Божиновски одговараше и на прашања поврзани со бившиот директор на ЕЛЕМ, Влатко Чинговски.
„Во периодот кога јас бев именуван на позицијата генерален секретар на партијата, беше избран и нов Извршен комитет, а господинот Чинговски беше разрешен од дотогашниот Извршен комитет. Од средината на 2011 година па натаму тој немаше ниту една партиска функција. Така што, посебна комуникација или соработка во врска со партијата сум немал со него. Но, како генерален секретар на Владата тој често како директор на ЕЛЕМ, како и сите други институции, ми доставуваше информации, разни одлуки, извештаи итн., кои беа проследувани на владина седница“,
рече Божиновски.
Меѓутоа, спротивно од ексдиректорот на ЕЛЕМ, Божиновски тврдеше дека Чинговски никогаш не му доставувал пари или документи кои биле поврзани со партијата.
„Не ми носел други пратки, сè било врзано со работата на двете институции, на ЕЛЕМ и на Владата“,
тврдеше бившиот генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ и Владата.
Сведочењето на Кирил Божиновски, по предлог на одбраната, доаѓа откако на претходните рочишта, како сведок на обвинителството се појави токму Влатко Чинговски. Тој во својот исказ зборуваше дека се случувало да добива пакети во неговата канцеларија во ЕЛЕМ кои биле наменети за тогашниот генерален секретар на партијата и на Владата, Кирил Божиновски.
Пакетите, рече тој, биле документација, но никогаш не ги отворал туку му ги доставувал на Божиновски, а во еден момент се посомневал дека можеби има и пари.
„Со оглед дека господинот Божиновски беше постојано во Владата и на некакви состаноци или имаше активности, нашите средби траеја многу кратко. Ќе ги доставев документите, ќе прашаше како е, што е и ќе заминеше на друга активност. Она што мене ми стана сомнително беше еден разговор по телефон кога ми напомена дека содржината на документите што сум ги предал не соодветствува на она што тој го очекувал. Притоа, спомена некакви бројки, цифри, што ме зачуди и ме наведе на тоа дека покрај документацијата има и нешто друго што асоцира на финансиски средства. Бев крајно разочаран од таа постапка, бидејќи дотогаш постојано сум доставувал документи и немало проблем и не сум очекувал во дел од нив да има и финансиски средства. За таа цел во прва наредна можност се обидов да разговарам со Кирил Божиновски и да напоменам дека тоа е неприфатливо и не сакам да се случува во иднина“,
сведочеше Чинговски на рочиштето на 7 декември 2021.
Тој зборуваше и дека имало сефови во канцеларијата наменета за генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, на која функција беше и Божиновски, при што за во еден од сефовите рече дека во една или две пригоди видел дека е подотворен и видел нешто што му личело на пачки со пари.
Божиновски денеска, пак, за сефовите во канцеларијата во партиското седиште тврдеше дека не ги користел.
„Имаше два кои беа останати од претходното раководство, се наоѓаа некаде под главното биро и едниот беше неупотреблив, а вториот се отвораше и немаше никаква шифра. Но, истите не ги користев“,
рече Божиновски.
Адвокатите на обвинетите го прашуваа и за тоа финансиското работење, односно дали е точно дека во ревизорските извештаи немало забелешки за ВМРО-ДПМНЕ во однос на финансиите, на што тој одговараше потврдно дека немало забелешки.
Обвинителката Лиле Стефанова, пак, имаше само едно прашање: „Ќе се согласите ли дека вие заедно со Никола Груевски сте обвинети во уште две постапки за дејствија поврзани со располагање на парите на политиката партија ВМРО-ДПМНЕ?“
Божиновски одговори потврдно дека точно е оти има две постапки во кои е обвинет, но само едната е поврзана со тековното финансиско работење.
Пред него, на денешното рочиште за „Плацови на Водно“, како сведок на одбраната се појави и градежен инженер вештак, кој кажа дека пренамената на спорните парцели од земјоделско во градежно земјиште, заедно со други, се случила по автоматизам кога бил прифатен и изгласан Деталниот урбанистички план (ДУП) од Општина Центар.
Во „Плацови на Водно“ Груевски е првообвинет и му се суди во отсуство со оглед дека избега во Будимптешта. Според обвинението, во периодот од јуни 2006 до октомври 2012 година, Груевски како лидер на партија наместо да прикаже пари како примени донации во ВМРО-ДПМНЕ, за себе прибавил 1,3 милиони евра (79 972 140 денари), а потоа ги пуштал во оптек и купувал парцели на Водно. Станува збор за земјиште на кое имало шума, а кое со промените во Генералниот урбанистички план (ГУП) било пренаменето во градежно. Покрај имотот на Водно, обвинението опфаќа и два стана во главниот град и две парцели во Крушево за кои обвинителството тврди дека се прикривал вистинскиот сопственик односно Груевски.
Покрај Груевски, обвинети се бизнисменот Орце Камчев, неговата мајка Ратка Куновска-Камчева, Сашо Мијалков, Ристо Новачевски и Ненад Јосифовиќ.