На средба со подмладокот на неговата партија, поранешниот бугарски премиер кажал дека разговарал со премиерот Зоран Заев со кој, рекол, го потпишале Договорот за добрососедство и работеле да ги поместат односите напред
Договорот за добрососедство и пријателство од 2017 година е основата на нашите односи со Република Северна Македонија. Наша е членство на Северна Македонија и Албанија во Европската Унија (ЕУ), изјави поранешниот бугарски премиер и лидер на Граѓани за европски развој на Бугарија (ГЕРБ), Бојко Борисов, на средба со претставници на подмладокот на неговата партија. Тој, исто така, информирал и дека разговара со премиерот Зоран Заев, јавува БГНЕС.
На средбата Борисов предупредил и дека начинот на кој техничката Влада на Бугарија и претседателот Румен Радев сега преговараат со Северна Македонија може да доведе до лош исход за Софија или дека ќе предизвика „народите да се мразат меѓусебе со децении“.
„Досега, мислам дека лажат, но да почекаме до Европскиот совет кој ќе се одржи на 24 и 25 јуни. Пред тоа е Самитот на НАТО. Се надевам дека имаат храброст и вештини да ги водат преговорите што ќе ги направат двата народа на овие две соседни земји најпријателски“,
изјави Борисов.
За разлика од обвинувањата кон Радев и техничката влада, лидерот на ГЕРБ порачал дека додека тој ја водел Владата, Бугарија била лидер на Балканот.
„Ние бевме водечка сила на Балканот. Сега политиката што се води ќе нè натера да се замразиме едно со други. Тогаш за што ќе ни се европските проекти? Да влезете во земја што не ве сака. Затоа и јас и Зоран Заев се обидуваме работите да одат од дното кон нагоре“,
рекол поранешниот бугарски премиер.
На подмладокот на неговата партија тој му порачал да направат се, за да не се мразат сегашните генерации меѓу себе.
„Младите мора да направите сè што е можно за да не се мразат сегашните и идните генерации. Радев ја подели земјата, сега ги подели луѓето и на темата Северна Македонија“,
рекол Борисов.
Средбите на Борисов со младината на ГЕРБ и ваквите негови изјави се во период кога во Бугарија во тек е кампања за парламентарните избори кои се закажани за 11 јули. Изборите беа закажани откако на претходните одржани на 4 април годинава ниту една партија не успеа да формира нова влада.