Поставувањето на нов претседател на ДИК доаѓа по смената на власта, а е во согласност со изборното законодавство со кое се предвидува претседателот на ова тело да биде од редот на опозицијата
Борис Кондарко, кој е предлог на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), е новиот претседател на Државната изборна комисија (ДИК), одлучија денеска пратениците. За потпретседател на ДИК е избран Абдуш Демири, кој е предлог на движењето Беса.
Во предлогот за усогласување на составот на ДИК за членови се предложени досегашниот претседател Александар Даштевски, кој е предлог на ВМРО-ДПМНЕ, Дитмире Шеху од ДУИ и Оливер Ристевски, кој исто така беше член на ова највисоко изборно тело.
За ова усогласување на составот гласаа 74 пратеници.
Поставувањето на нов претседател на ДИК доаѓа по смената на власта, а е во согласност со изборното законодавство со кое се предвидува претседателот на ова тело да биде од редот на опозицијата.
За преостанатите два члена на Државната изборна комисија, Собранието донесе одлука да се распише оглас. Нови членови на ДИК ќе се избираат откако досегашниот Бобан Стојановски (ВМРО-ДПМНЕ) стана заменик-генерален секретар на Собранието, а Радица Ристеска (СДСМ) замина во пензија.
Огласот за избор на двајцата нови членови на ДИК трае осум дена од објавување во „Службен весник“.
Кондарко беше претседател на ДИК и во периодот од 2011 до 2013 година.