Високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Жозеп Борел смета дека со донесувањето на одлуката за започнување пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија, ЕУ постигна напредок во едно навистина важно политичко прашање и испрати јасен сигнал и јасна порака за Западен Балкан.
„Одлуката навистина е ‘зрак светлина во мракот што нè опкружува’, како што кажа мојот почитуван колега и министер за надворешни работи на Северна Македонија, Никола Димитров, коментирајќи ја одлуката за почеток на пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија“,
пишува Борел во својот блог насловен како „Пристапни преговори со Албанија и Северна Македонија и посветеноста на ЕУ на Западен Балкан“.
Тој потсетува дека одлуката е донесена во една многу тешка недела во која на насловните страници и во нашите мисли доминираше пандемијата со коронавирусот и глобалните последици од неа, поради што смета дека една ваква важна одлука не го доби заслуженото внимание.
„Побаравме многу од двете земји и тие го исполнија тоа. Сега и ЕУ ја донесе вистинската одлука од наша страна. Ова е охрабрувачка порака дека напорната работа и вистинското лидерство од двете страни даваат резултати“,
вели Борел и воедно упатува честитки за и официјалното членство на земјава во НАТО.
Но, тој потенцира дека отворањето на преговорите е само првиот чекор на еден интензивен процес, по што, како што вели, треба да следат длабоки социјални, политички и економски реформи пред полноправното членство.
„За овие трансформации природно е потребно време и труд, но важно е ‘зракот светлина’ за овие две земји да го охрабри и преостанатиот дел од регионот да го направи тоа што е потребно и да ја следи патеката на реформите. За доброто на граѓаните на Западен Балкан“,
вели Борел.
Исто така, тој потсетува на пакетот билатерална финансиска помош за шесте земји од Западен Балкан за справување со состојбата со ковид-19, истакнувајќи дека Западен Балкан може да смета на солидарноста на ЕУ не само во времиња на криза, за што како факти посочува дека од 2014 година досега ЕУ додели повеќе од 1 милијарда евра како поддршка за регионот.
„Ова е време кога треба да станеме сериозно во врска со солидарноста и соработката. Треба да работиме рамо до рамо, солидарно, поддржувајќи се едни со други, бидејќи никој не може сам да се справи со моменталната ситуација“,
заклучува Борел.
Поврзана вест