Во обраќањето пред Советот за безбедност на ОН, Гутереш рече дека страните во конфликтот мора да го почитуваат 72-часовниот прекин на огнот посредуван од САД и да се здружат за воспоставување траен прекин на непријателствата. Задолжение на водачите на Судан, рече тој, е да ги стават интересите на својот народ пред сè
Борбите во Судан мора веднаш да престанат, апелираше генералниот секретар на Обединетите нации (ОН) Антонио Гутереш, нагласувајќи ја потребата од сеопфатни напори за мир.
Во обраќањето пред Советот за безбедност на ОН, Гутереш рече дека страните во конфликтот мора да го почитуваат 72-часовниот прекин на огнот посредуван од САД и да се здружат за воспоставување траен прекин на непријателствата. Задолжение на водачите на Судан, рече тој, е да ги стават интересите на својот народ пред сè.
„Овој конфликт нема и не смее да се реши на бојното поле, со телата на народот на Судан. Суданскиот народ многу јасно ги кажа своите желби – тие сакаат мир и обновување на цивилното владеење преку транзиција кон демократија“,
рече Гутереш.
Изминатите десет дена со насилство, кажа Гутереш, се срцепарателни, а неподносливо е да се размислува за долготрајна војна од целосен обем.
„Борбата за превласт во Судан не само што ја загрозува иднината на таа земја. Таа го запали фитилот што би можел да детонира преку границите, предизвикувајќи огромно страдање притоа уназадувајќи го развојот со децении“,
рече Гутереш.
САД во понеделникот објавија дека завојуваните страни се согласиле да го почитуваат тридневниот прекин на огнот, додека во меѓувреме странските земји продолжуваат да ги евакуираат своите граѓани од Судан.
Најновиот прекин на огнот, кој се совпаѓа со тековниот муслимански празник, помогна да се олесни евакуацијата на илјадници луѓе од главниот град на Судан, Картум.