Политичкиот прогон преку неосновано обвинение засновано на лаги и шпекулации продолжува, вели експратеничката на ВМРО-ДПМНЕ откако скопското Обвинителство поднесе обвинителен акт против неа
Поранешната пратеничка Силвана Бонева најави дека во наредните денови ќе побара информација од Јавното обвинителство дали има покренато постапки и за пратеници од сегашната власт, како што денеска покрена обвинение против неа за случајот „Друмарина“, што го отвори СЈО.
Бонева реагираше преку статутс на фејсбук, откако ОЈО – Скопје соопшти дека е поднесен обвинителен акт против неа, во врска со фискалните сметки што ги приложувала за надомест на патни трошоци, во периодот од јануари 2011 до декември 2015 година, додека беше пратеничка, по што премина во ДИК.
„Политичкиот прогон преку неосновано обвинение засновано на лаги и шпекулации продолжува! Очигледно е дека Обвинителството воопшто не ги зело предвид вештачењето и доказите што ги доставив, со кои се побива нивното обвинение. Борбата за вистината и правдата ќе ја водам до крај, ако треба и надвор од македонските институции, со цел оваа тортура и валкање на моите чест и углед да престанат“,
реагира Бонева.
Зарем мислите дека ако имаше било каков криминал, вели Бонева, јас досега немаше да бидам осудена? Таа посочува дека истражната постапка за случајот, незаконски, се влечкала 2,5 години.
По заминувањето од парламентот, Бонева беше претставник на ВМРО-ДПМНЕ во ДИК – во составот кој ги спроведе предвремените парламентарни избори во 2016 година, а кој поднесе оставка по локалните избори во 2017, поради скандалот со високите надоместоци, што го откри тогашниот американски амбасадор во Скоје Џес Бејли.
Потоа, Бонева доби апанажа и оттогаш не е присутна речиси воопшто на политичката сцена во земјава.
Ова е втора истрага од оние што редовните обвинителства ги презедоа од СЈО, а за која се поднесува обвинение. Претходно, обвинителството поднесе обвинение за случајот „Моќник“ против пратеникот Антонијо Милошоски, неговиот татко, ексградоначалникот на Македонски Брод и членови на Лустрациската комисија.