На средбата во Париз, вицепремиерот за за европски прашања Никола Димитров и францускиот министер за Европа, Клеман Бон се согласиле дека со усвојување на преговарачката рамка и одржувањето на првата Меѓувладина конференција ќе се валоризираат сите напори и достигнувања на Северна Македонија
Не е лесно да се добие француската поддршка и мислам дека Северна Македонија ја заслужи, порача вицепремиерот задолжен за европски прашања, Никола Димитров по средбата со државниот секретар за европски прашања во француското Министерство за Европа и надворешни работи, Клеман Бон во Париз.
Димитров нагласи дека колку поскоро земјите членки ќе постигнат консензус за Преговарачката рамка, толку побрзо ќе може да ја отпочнеме последната фаза од пристапните преговори.
„На некој начин имаме заеднички интерес врз основа на новата mетодологија, која што треба да се отсликува и низ Преговарачката рамка, што сега се преговара на масата во Брисел меѓу земјите членки и да почнеме конечно со пристапниот процес, работејќи дома да нудиме аргументи за да ја имаме секогаш поддршката на Париз. Мислам дека во визијата на Франција за иднината на Европа имаме наше место“,
порача Димитров
На средбата било констатирано дека усвојување на преговарачката рамка и одржувањето на првата Меѓувладина конференција ќе се валоризираат сите напори и достигнувања на Северна Македонија од аспект на реформите, но и во однос на затворањето на билатералните прашања со соседите.
Бон изрази уверување дека ќе биде постигнат напредок во евроинтегративниот процес уште во декември.
„Среќен сум што денес во Париз го пречекувам Никола Димитров, Потпретседателот на Владата на Република Северна Македонија со кој оддамна негуваме работни односи за да ги унапредиме состојбите и нашите европски разговори. Дефиниравме нова методологија за преговорите за членство, која е обемна и бара многу повеќе, но во која процесот е потранспарентен и со која подобро ќе се компензираат напорите за спроведените реформи. Знам дека Никола Димитров е многу посветен на спроведувањето и на забрзувањето на овие реформи, кои се неопходни на европскиот пат. Мислам дека ќе можеме да постигнеме напредок во овој процес, уште во месец декември, и се радувам што заеднички и често ќе соработуваме бидејќи тоа е од заемен интерес за зајакнување на Европа, за зајакнување на регионот и за стабилизирање на нашата заедничка безбедност во наредните години. Станува збор за долгорочен проект кој заедно ќе го градиме и јас сум среќен што ќе продолжиме заеднички да работиме“,
порача Бон.
Димитров со средбата со Бон ја започна дводневната посета на Франција, прва по формирањето на новата Влада.
За време на посетата на Париз, Димитров ќе се сретне и со претседателот на Комисијата за европски прашања во Сенатот на Франција Жан-Франсуа Рапен, со Изабел Думон, дипломатски советник за Континентална Европа и Турција во Kабинетот на претседателот Макрон, со Каролин Вино, заменик на генералниот секетар за европски прашања при Владата на Франција и со Лилиана Танги, пратеничка во Националното собрание.
Во фокусот на разговорите, според СЕП, ќе бидат француската поддршка во оваа клучна фаза од нашите евроинтеграции – одржувањето на првата Меѓувладина конференција со ЕУ до крајот на годинава; динамиката на усвојувањето на Преговарачката рамка, а ќе се разговара и за напредокот на Северна Македонија нотиран во Извештајот на Европската комисија, како и за клучните приоритети од ЕУ – агендата на кои што Владата ќе биде фокусирана во следниот период.