Бојан Јовановски – Боки 13 денеска попладне е спроведен во затворот во Идризово каде треба да ја издржува деветгодишната затворска казна во случајот „Рекет“.
Јовановски беше во куќен притвор, а спроводот во затвор следува откако Апелацискиот суд во Скопје вчера во целост ја потврди првостепената пресудата за овој предмет донесена во Основниот кривичен суд.
Наредбата Јовановски да биде префрлен во Идризово ја издаде судија за извршување санкции од Кривичен откако во судот денеска пристигнала одлуката на Апелација со која се потврдуваат казните.
Информацијата за спроведувањето на Јовановски во затвор ја објави ТВ 24, а директорот на затворот, Јовица Стојановиќ, ја потврди и за „360 степени“.
Поранешната специјална обвинителка, Катица Јанева, пак, ќе треба да издржи затворска казна од седум години. Таа во моментов се наоѓа во куќен притвор во родната Гевгелија, а наредбата за нејзин спровод ќе ја даде судија за извршување санкции од гевгелискиот Основен суд кој ја има надлежноста со оглед дека таму е нејзиното место на живеење.
Во „Рекет“ Јовановски е осуден за делата примање награда за противзаконито влијание и за перење пари, а Јанева за злоупотреба на службената положба и овластување.
Во истиот случај со нив, за примање награда за противзаконито влијание, беше обвинет и Зоран Милески-Кичеец, но тој уште на првото рочиште во декември 2019 призна вина и доби затворска казна од 3 години затвор. Таа е правосилна и од октомври лани тој ја издржува во Казнено-поправниот дом (КПД) во Струга.