И Врховниот суд и неговиот поранешен претседател Јово Вангеловски беа споменати во денешното сведочење на Бојан Јовановски-Боки 13 во случајот „Рекет“.
Боки зборуваше дека Зоран Милески-Кичеец му кажал „Јово го пуштил Орце, тоа е договорено и подмирено”.
Боки рече дека веројатно станува збор за Јово Вангеловски, а не за некој си комшија по име Јово.
„Сега тука се поставува прашањето: Зошто сум ти јас ако Врховен те пуштил? Тој мене ми дава пари, а Врховен веќе го пуштил. Начелното правно мислење Врховен го носи на 31 јануари 2019, а тој мене ми дава пари во февруари“,
рече Боки.
Тој не ја одмина ниту опозицијата, па како што зборуваше за спрега помеѓу Орце Камчев, Зоран Заев и власта, го спомена и лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски. Камчев, рече Боки, преговарал со Мицкоски за да му ги даде токму снимките кои се дел од овој предмет, а се појавија во италијанскиот весник „Ла Верита“.
„На ВМРО-ДПМНЕ им одговараше сето тоа. Не знаеме како излегоа тие снимки во италијански весник“,
рече Боки.
Во продолжението на сведочењето, Јовановски имаше препирки со обвинителката Вилма Русковска која реагираше дека во исказот ѝ се обраќа по име.
„Не знам каде погрешив, кажете ако треба да се извинам“, рече Боки додавајќи дека ако треба и ќе се извини и ќе се поклони, па буквално ѝ се поклони на обвинителката во знак на извинување што предизвика смеа и кај судечкиот совет, и кај Русковска, и кај новинарите.
Меѓутоа, Боки не остана само на поклонувањето, па додаде дека ѝ се поклонува на Русковска и затоа што сакала да го земе местото на Катица Јанева.
Како се движеше кон крајот на својата одбрана, Боки го спомена и експремиерот Никола Груевски.
„Никола Груевски не е опфатен во обвинението за организаторите на 27 април поради неможноста да биде испитан од обвинител во истрагата, а јас жив и здрав во тој момент не ми беше овозможено да дадам исказ туку денеска првпат ми е овозможено да зборувам“,
рече Боки.
*Поврзани вести
Боки: Заев ми кажа дека странски служби и обвинител имаат предмет против мене и Катица
Боки тврди: Не сум ја допрел торбата „луј витон“, Милески еден-два дена подоцна ја врати кај Камчев
Боки: Кичеец ми кажуваше дека неколку пати со Ана Камчева бил во кабинетот на Заев
Судот одби Заев, ексдиректорот на УБК и уредници од 1 ТВ да сведочат во „Рекет“
„Рекет“: Катица Јанева го тужела Боки за неовластено снимање