Во Основниот кривичен суд во Скопје утрово започна презентација на материјалните докази што ги има обвинителството за случајот „Рекет“, каде што обвинети се Бојан Јовановски-Боки 13 и Катица Јанева.
Така, меѓу доказите што ги читаше обвинителката Ивана Трајчева беа и одземените предмети од домот на Боки во Орман.
Меѓу одземените предмети, покрај многубројните парчиња брендирана облека и модни додатоци, има и: тросед, перници, фотелји од марката „зебрано“, комода, аудиосистем, теписи, лустери, од кои едниот со шест затемнети светилки, два телевизора, од кои едниот „самсунг“ со заоблен екран, лампи, маси, пенкало „сваровски“ итн.
Одземени биле и десетина уметнички слики чии автори се уметниците Личеноски, Мартиноски, Аврамовски, Камилов и други.
На барање на одбраната, обвинителката во судница детално читаше што сè е одземено и од гардеробата, па така од досега прочитаното биле одземени: круна во златна боја од марка Долче и Габана, 77 пара панталони, над 120 пара чевли и чизми, десетина пара влечки, над 50 кошули, околу 40 пара тренерки, стотина пара очила, над 70 пара чанти, многубројни парчиња сакоа и капути, чанта плик „дочле и габана“, парчиња накит итн.
Додека обвинителката ги читаше доказите што сè е одземено, Бојан Јовановски прокоментира дека е преседан некој да се остави без гардероба и побара вреќите со запленетите работи да се донесат во судница.
„Во однос на гардеробата, сметам дека ова е преседан и никогаш досега никој не бил оставен без парче облека, барам истите тие докази да се донесат во судница и да се презентираат сите едно по едно парче“,
рече Јовановски.
Таквото барање судот не го прифати, а обвинителката продолжи со читање на одземените работи.
Од домот каде што живее мајката на обвинетиот, Јасминка Јовановска, меѓудругото, биле одземени и: два телефона, два УСБ-стика, еден држач за СИМ-картичка, лаптоп и картичка на девизна сметка, сто банкноти од по 50 евра…
Читањето на одземените работи од Јовановски е во тек. Покрај доказите за него и за Јанева, одбраната бара да се изведат доказите и за Зоран Милески-Кичеец, кој е веќе првостепено осуден. Таквото барање од адвокатите е, како што рекоа, затоа што ќе бараат Кичеец да биде сведок.