Нафрлени, паушални, неточни, недоволно проверени, ги нарече Бојан Јовановски-Боки 13 наводите во обвинението за „Меѓународниот сојуз“
Бојан Јовановски алијас Боки 13, како првообвинет во случајот за „Меѓународен сојуз“, во моментов ги дава воведните зборови. Тој се товари за измама и перење пари бидејќи, според обвинителството, од бизнисмените Силјан Мицевски и Ардијан Амзоски биле земени речиси еден милион евра откако биле доведени во заблуда за проект за изградба на Европски центар за возрасни лица и мобилен сервис.

„Проектот не е фиктивен, тоа е самоодржлив капитален проект. Спојот помеѓу ‘Меѓународен сојуз’ и фирмите се случи преку посредници, не дојде преку ноќ“,
рече Јовановски.
Сподели и детали, па наведе дека било предвидено во него дел од капацитетите да бидат за сместување на лица од странство на три месеци, а за тоа договарале вмрежување со такви центри надвор од земјава.
Тој тврди дека нема никаква измама и постојат правни акти, потпишани преддоговори и договори и со двете фирми на бизнисмените.
„Кога ќе ги пролистате договорите, ќе видите дека не постои никаде дека Бојан напишал во договорот ‘еве јас се обврзувам да ви обезбедам градежно земјиште’“,
рече Јовановски.
Со бизнисмените, нагласи, имал коректен однос до самиот крај, кој не би бил таков ако навистина станува збор за измама.
„Силјан Мицевски и Ардиан Амзоски ниту се мали деца ниту деловни неспособни за да бидат измамени. Дека не постои измама говори и фактот на мојот коректен однос. На 15.7.2019, дента кога бев уапсен кога тргнав на одмор, разговарав со Силјсн Мицевски. Ми рече ‘Бојанче, нека ти е среќен пат на одмор, ќе се видиме кога ќе се вратиш’. Замислете со човек што си го измамил да ти посакува убаво да си поминеш на одмор“,
рече Јовановски.

Во воведните зборови тој зборуваше и за пензионерката Лилјана Тодоровска, која е автор на проектот и на која од Мицевски ѝ биле исплатени околу 720 000 евра, а за кои обвинителството тврди дека на крајот завршиле кај Боки. Таа, рече Јовановски, била дел од Собранието на „Меѓународниот сојуз“, а парите лично, сама и самосвесно ги подигнала.
„Обвинителството ќе каже дека парите завршиле во мојот дом и дека имало некаква фотографија. Но, има и други слики и затоа барам да се извештачи во целост мојот телефон“,
потенцира обвинетиот.
Дека не станува збор за никаква измама тој во судница наведуваше дека имал соработка со Владата, потпишано моеморандуми за соработка со министерства, општини. За работата на невладината, нагласи, поддршка давала и Владата.
„Во овој кривично-правен настан ќе видите дека и тогашниот премиер јавно зборува дека сме имале средби во врска со ‘Меѓународен сојуз’. И како јас тоа сум ги убедувал дека Владата стои зад тоа, кога и тој зборувал“,
рече Боки.
Со Зоран Заев, нагласи, имале средба уште пред да се случи конститутивната седница на невладината организација. Се водел записник од кој, како што рече, може да се види дека било кажано оти Владата ќе потпише меморандум за соработка.
Се разговарало и договарало за соработка со Карпош, Охрид, Битола, а на крајот Европскиот центар требало да се гради во Дојран со кој имале потпишано и наменски меморандум.
„Имаме наменски меморандум за спроведување на проектот Европски центар за возрасни лица и мобилен сервис. До последниот ден на моето апсење Европскиот центар требаше наместо во Битола да биде спроведен кај касарната ‘Партизан’ во Дојран, за што Силјан Мицевски и Александср Кирацовски остваруваа средби со градоначалникот“,
рече Јовановски.
На крајот, тој порача дека ова е конструиран случај и дека таа конструкција нема да помине.
Судското рочиште со воведните зборови е во тек.
Покрај Јовановски, обвинети се и заменик-претседателката на „Меѓународниот сојуз“ Јасна Мандиќ-Ерцеговиќ и асистенката Христина Блажевска за помагање во перење пари и за измама, а Ременски се товари за помагање во делото измама. Таткото на Боки, Миле Јовановски, пак, е петтообвинет за помагање во перењето пари и за делото неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје бидејќи при претрес во неговиот дом биле пронајдени три полуавтоматски пиштоли и муниција за кои немал дозвола. Како правно лице, обвинета е и невладината организација.
На минатото рочиште воведни зборови дадоа адвокатот Сашко Дуковски, кој им е адвокат на Боки, на татко му и на асистентката, како и обвинителката Вилма Русковска.