Тешко ќе му биде на обвинителството да докаже вина во случајот со „Меѓународниот сојуз“, рече адвокатот Сашко Дукоски во своите воведни зборови. Тој му е бранител на Бојан Јовановски-Боки 13, на неговиот татко Миле Јовановски и на асистентката Христина Блажевска.
Дукоски рече дека „Меѓународниот сојуз“ имал легална шема на соработка и со фирмата „Пелистер“ на Силјан Мицевски и со „Дрим билдинг“ на Адриан Амзоски, имало договори, меморандуми за соработка итн. За двајцата бизнисмени обвинителството, пак, тврди дека биле доведени во заблуда и измамени преку проекти за изградба на Европски центар за возрасни лица и мобилни сервиси, па преку Македонската авторска агенција исплатиле речиси еден милион евра, Мицевски сума од 719 905, а Амзоски 233 821 евра.
„На Силјан Мицевски вие ќе му претставувате дека Владата стои зад вас, а тој може да ја смени. Обидете се да му земете 720 денари, а не 720 000 евра, да видам“,
рече адвокатот Дукоски во воведните зборови алудирајќи дека Јовсновски не можел да го изманми бизнисменот.
Додека зборуваше за бизнисменот, адвокатот рече дека два дена пред да ја поднесе кривичната пријава Мицевски во предистражна постапка изјавувал сосема други работи, како тоа дека не се чувствува измамен, верува проектот и оти сака негово остварување.
По Дукоски, со воведни започна Јовановски, но набргу судот даде пауза, а за време на прекинот во судот дојде и Брза помош за да го прегледа Миле Јовановски, кој рече дека не се чувствува добро. Докторката по прегледот рече дека Јовановски се чувствува добро и во моментот на прегледот е свесен и контактибилен.
Во краткото излагање пред паузата, Боки рече дека обвинителката Русковска го навредила кога рекла оти предметот е врв на еден криминален девијантен ум, па тој возврати дека ова е девијантно алкохолизирано обвинение
Долго, како што рече, размислувал дали да дава одбрана бидејќи, според неговото искуство, одлуката се знае однапред.
Во секој момент се очекува да продолжи рочиштето, а со тоа и Јовановски да ги каже своите завршни зборови во кои најави дека ќе има и презентација на табла.