За жал, се знам со Зоран Милески-Кичеец од пред 10 години и тогаш беше така развиен и слаткоречив, сведочеше Бојан Јовановски-Боки 13 на денешното рочиште за „Рекет“, за неговото познанство со Зоран Милески-Кичеец, кој исто така беше еден од обвинетите во овој предмет заедно со него, но призна вина.
„Имавме интензивната комуникација, таа се интензивираше, што дојде до степен на ваква кулминација за јас да стекнам максимална доверба и еден вид залудување од страна на Зоран Милески. Можам да бидам и поексплицитен, но тука сме сите возрасни и знаеме што значи тоа. Тој ја билдаше довербата кај мене воодушевувајќи ме со неговите познанства“,
рече Боки.
За да ја покаже блискоста со Кичеец, тој покажа и испечатена фотографија од заедничко патување во странство, за која рече дека би се видела и ако телефонот му бил извештачен.
Боки рече дека Кичеец му кажувал дека работи во „Орка холдинг“, а на првата средба со Орце Камчев, бизнисменот му рекол на Боки дека Кичеец му е најдобриот оперативец.
„Тогаш не ми беше јасно што работи, но од денешна дистанца ми е сосема јасно што значи тоа“,
рече Боки.
Тој зборуваше и дека не сакал средби со Камчев иако Кичеец инсистирал.
„Целта на запознавањето беше да се запре кривичен прогон, компромитација на СЈО и мое загрозување. Тоа го знам од оваа дистанца, од таа дистанца не сум знаел туку сум седел, пиел и сум јадел на маса со нив“,
рече Боки.
Цело време, рече тој, Милески се обидувал да го убеди Боки, Камчев да се рекламира кај нив и дека како партнер ќе ги финансира проектите за трговски центри.
За првата средба во ресторанот „Сушико“, сведочеше обвинетиот, се зборувало за рекламирање, но биле споменати и проблемите на Камчев со обвинителствата.
„Освен реклама, рече Кичеец на средбата, да не пишувате лошо за него. Тука Камчев кажа дека имал проблем и дека му подготвувале некаква истрага во Обвинителството за организиран криминал за ‘некои фактури’ со Фондот и дека имал и проблем со ‘таа од Радовиш’, но дека тоа му го средиле пријателите од Бугарија“,
рече Боки.
Понатаму, рече дека имале и други средби за проектите за трговските центри, а потоа и за старските домови.
Понатаму, кога се отворил предметот „Империја“, за кој, како што рече Боки, дознал од новинарите во 1ТВ, вечерта Кичеец дошол кај него и рекол дека може да помогне бидејќи е близок со Катица Јанева.
Боки, пак, му одговорил дека до неа ниту може да се припари ниту да се разговара за таа тема.
„Никогаш не направив ниту едно незаконито дејствие зашто не сум можел да влијаам на Катица Јанева. Тоа можам да го докажам со пораки во кои ми е кажувано тоа, но доколку ми беше вештачен телефонот“,
рече Боки.
Зборувајќи за случајот „Империја“ и за Орце Камчев, тој ја спомена и судијката Добрила Кацарска за која Кичеец му кажал дека е блиска со мајката на Камчев и прави сѐ што може да му помогне и дека ургирала за бизнисменот да излезе од притвор.
Овде повторно жестоко реагираше обвинителката Вилма Русковска.
„Не може одбрана да се базира само на клеветење на други лица и лепење етикети“,
реагираше Русковска.
Понатаму, Боки во сведочењето го спомена и Зоран Заев како поранешен премиер.
„Му понудив на обвинителството да му ги дадам шифрите на Кичеец, поради тоа што сѐ снимал. Понудив и сега ги нудам за да не заврши овој предмет без докази. Она што го знам изворно од Зоран Милески, ми кажуваше каде сѐ оделе со Ана Камчева. Со Ана Камчева биле во неколку амбасади и неколку пати во кабинетот на тогашниот премиер Зоран Заев. Тогашниот премиер им ветил дека ќе стори сѐ што може да се олесни позицијата и на Камчев, Мијалков и на останатите, за да не трпи многу и бизнис-заедницата“,
рече Боки.
Тој тврдеше и дека е ноторна лага оти му се дадени 500 000 евра за што, како што рече, тие што го конструирале случајот дале различни искази.
Сведочењето на Боки е во тек.
*Поврзани вести
Судот одби Заев, ексдиректорот на УБК и уредници од 1 ТВ да сведочат во „Рекет“
„Рекет“: Катица Јанева го тужела Боки за неовластено снимање