Затворска казна или ослободителна пресуда? По шест и пол месеци судски процес против нив, одговорот на ова прашање денеска од првостепениот суд во Скопје ќе го слушнат Бојан Јовановски-Боки 13 и Катица Јанева.
Јовановски треба да добие пресуда за делата примање награда за противзаконито влијание и перење пари, а Јанева за злоупотреба на службената положба и овластувања.

Повеќе од една година аферата „Рекет“ е во фокусот на јавноста откако во јавноста почнаа да излегуваат информациите за Кики, Фрики, Коки… Интересот за овој предмет во јавноста не опадна, а поради очекувано присуство на голем број новинарски екипи, но и ситуацијата со коронавирусот, судијката Васка Николовска-Масевска пресудата денеска ќе ја соопшти во големата сала во Врховниот суд.
На 40-ина рочишта, судечкиот совет со кој претседава оваа судијка беа презентирани материјални докази, сослушани 30-ина сведоци, а двете странки ги докажуваа своите верзии за случајот. Обвинителството рече дека биле земени 1,5 милион евра од бизнисменот Јордан (Орце) Камчев за тој да добие повластен третман во случајот на СЈО за финансиски криминал „Империја“, дека за таа цел Јовановски го искористил своето влијание врз неговата пријателка специјална обвинителка, а дека таа ја злоупотребила својата службена положба. Обвинетите, пак, тврдеа дека станува збор за конструиран предмет чија цел е да се спаси моќниот Камчев, но и да се урне СЈО – сценарио за кое Јовановски тврдеше дека им одговара и на власта и на опозицијата на македонската политичка сцена.
Јоваковски наместо на одмор во Шутка, Јанева од обвинителка до обвинета
„Јас сум Коки за кој пишува новинарот Бранко Героски“, рече Боки кон крајот на јуни минатата година во интервју на неговата 1 ТВ, телевизијата за која се претставуваше како нејзин прокурист.

По околу две недели од ова негово појавување на телевизија, наместо на одмор во Грција, тој заврши во затворот во Шутка како осомничен во истрагата што ја отвори шефицата на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Вилма Русковска. Истиот ден, на 15 јули 2019, беше уапсен и Зоран Милески-Кичеец клучниот играч во оваа афера кој по околу два месеци доби домашен притвор.
На овој датум и Катица Јанева си поднесе оставка од челната позиција во СЈО, а на 21 август лани, во Шутка се смести како третоосомничена во аферата. Таму таа остана до 19 ноември кога доби замена на притворот со мерка домашен притвор.
На 3 декември, пак, тројцата првпат седнаа на обвинителна клупа во Основниот кривичен суд во Скопје. Кичеец призна вина и доби три години затвор, а Јовановски и Јанева негираа и во шест и полмесечниот судски процес се обидоа да ги побијат обвинувањата дека се полакомиле и земале пари од еден од најбогатите Македонци, Орце Камчев.
Што тврдеше Русковска, а што обвинетите за парите од „рекетот“?

Обвинителството тврдеше дека аферата „Рекет“ тежи 1,5 милион евра, пари за кои Јовановски во своите настапи пред судот знаеше да ѝ дофрли на Русковска дека „постојат само во нејзината глава“. Брачната двојка Орце и Ана Камчеви на првите рочишта раскажуваа како се преговарало и се дал 1,5 милион евра, нешто за што бизнисменот доставил и аудио и видеоматеријали во обвинителство. Снимки се појавија на веб-порталот на италијанскиот весник „Ла Верита“ уште пред воопшто да започне судскиот процес и ги виде целата јавност во август лани.
*поврзана вест: Судење за „Рекет“ – Сведочењето на Камчев (ВИДЕО)
*поврзана вест: „Обвинителот Боки“ и „госпоѓата Јанева“ низ сведочењето на Камчева

Обвинителката Вилма Русковска додека ги презентираше доказите во судница покажа фискални сметки од шопинг на Јовановски во Милано, Италија, во вредност од 148 000 евра. Во завршните зборови, пак, на видеомониторите во судница пушти фотографија на која се гледаат рачки од торба во дневната соба од домот на родителите на Боки, за кои тврдеше дека се од фамозната чанта „луј витон“ во која имало еден милион евра. Јовановски и неговиот адвокат Сашко Дуковски, пак, тврдеа дека тоа не е точно, дека станува збор за друга торба.
„Ниту сум ги допрел ниту сум ги видел“, зборуваше Јовановски кој обвинувањата за второто дело – перење пари, ги побиваше со фотографии од социјалните мрежи за да докаже дека брендираните парчиња облека ги купувал многу порано од периодот кога тврди обвинителството. Повика и сведок од Белград за да сведочи дека голем дел од 148 000 евра потрошени во Милано му биле дадени во Србија.
Катица Јанева, пак, според обвинението, добила 50 000 евра и мебел, но таа се товари за злоупотреба на службената положбата бидејќи, тврди Русковска, му давала повластен третман на Камчев. Беа презентирани и фотографија и видеоклип со снопче пари во банкноти од 50 евра на масичката во дневната соба на Јанева додека таа седи во пижами на тросед.

„Не е проблем позитивното мислење за домашен притвор и за издавање на пасош, проблем се причините зошто е дадено тоа“, зборуваше обвинителката.
Од друга страна, Јанева и нејзините адвокати тврдеа дека од фотографија и краток видеоклип воопшто не може да се утврди дека станува збор за 50 000 евра ниту, пак, се гледа некакво предавање и земање на парите. За мебелот, пак, велеа дека тој не е добиен како подарок туку купен за што постои и доказ каса-прими. Ги негираа и обвинувањата за повластувањата кои ги добивал Камчев. И други обвинети и осомничени од СЈО, тврдеше нејзината одбрана, добивале позитивни мислења за укинување на притворите и враќање пасоши.
Доказите на двете странки во оваа постапка не беа единственото што го одбележа судскиот процес. Досетки, дофрлувања и навреди на релација обвинети-обвинителка и обратно, често можеа да се слушнат во судницата. Јовановски зборуваше и за политика, а себе се нарече политички затвореник, па дури и најави политички ангажман.
„Јас сум идниот лидер на оваа земја“,
рече тој на едно од последните рочишта.
Дали јавноста ќе го види шоуменот и како политичар, останува на времето, но денеска тој и поранешната шефица на една од најекспонираните и најважните институции во изминатите години на македонскиот правосуден систем треба да ја слушнат одлуката на првостепениот суд: виновни се или не?
*Поврзани вести:
Боки 13: Ако заиграат црвените телефони може да добиеме и драконски казни
Јанева: Како баница го распарталивме обвинението на Русковска, не дојде за да не се црви
Одбраната на Јанева за Камчев: Дали нападот е најдобра одбрана?
Кадиев: На снимките од телефонот на Боки не се гледа ни давање ни земање пари