Првообвинетиот во „Рекет“, Бојан Јовановски-Боки 13, на денешното рочиште за овој судски процес го праша еден од сведоците, Сашко Бошков, дали тој му давал непристојни понуди.
„Дали вие сте лицето што ми нудеше непристојни предлози преку мојот бранител?“, праша Јовановски, а сведокот отсечно му одговори со „не“.
Пред да го постави ова прашање, Боки прашуваше и дали е близок со некој што е дел од постапката за „Рекет“.
Бошков рече дека со оние што се сега на обвинителна клупа не е близок, но посочи дека е пријател со Зоран Милески-Кичеец кој призна вина и повеќе не е во оваа постапка.
Јовановски праша и дали адвокатот сведок имал средба со Кичеец додека бил во куќен притвор.
За непристојни понуди Јовановски понатаму не спомена ништо.
Во јавноста, пак, познато е дека додека траеше истрагата за „Рекет“, адвокатот на Јовановски, Сашко Дукоски, обелодени дека добил телефонски повик од машко лице кое му го нудело на продажба исказот на Зоран Милески-Кичеец.
Денешното рочиште за „Рекет“ започна со сведочењето на адвокатот Сашко Бошков, кој рече дека Боки му побарал 2 милиони евра за да помогне во случајот „Поштенска банка“ што го покрена СЈО лани во октомври, во кој се обвинети бизнисмените Томе Главчев и Зоранчо Митревски.