Основното јавно обвинителството за гонење организиран криминал денеска поднесе обвинение за работата на „Меѓународниот сојуз“ на Бојан Јовановски-Боки 13. Боки е првообвинет, а покрај него со обвинението се опфатени и сите лица што беа осомничени во истрагата: пратеничката Фросина Ременски, заменик-претседателката на „Меѓународниот сојуз“, Јасна Мандиќ, таткото на Боки – Миле Јовановски и асистентката Христина Блажевска. Како правно лице обвинета е и невладината организација „Меѓународен сојуз“, чиј претседател е Боки.
Тој е обвинет за измама и за перење пари. За помагање во извршување на кривичното дело измама обвинети се и Ременски, Мандиќ и Блажевска. За помагање на второто дело, перење пари, со обвинението опфатени се: Мандиќ, Блажевска и Миле Јовановски, кој исто така се товари и за неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје бидејќи при претрес во неговиот дом биле пронајдени три полуавтоматски пиштоли и муниција за кои немал дозвола. За измама се гони и „Меѓународниот сојуз“.
„Во периодот од 8 јули 2017 година до 13 април 2018 година првообвинетиот, како претседател на обвинетата невладина организација, со намера за себе да прибави противправна имотна корист, ги искористил документите од невладината и довел и одржувал во заблуда две оштетени лица. Тој лажно прикажувал дека ќе обезбеди државно неизградено земјиште за изградба на Европски центар за возрасни лица и мобилен сервис, како и субвенции од страна на државата и оштетените вака доведени во заблуда на штета на својот имот му исплатиле преку Македонска авторска агенција износи кои надминуваат значителна вредност, и тоа 719.905 евра, односно 233.821 евра во денарска противвредност“,
пишува во обвинението.
Обвинетата асистентка и Мандиќ, според обвинителството, ги изготвувале договорите, ги подигале уплатените пари и му ги давале на рака на Боки и со умисла му помагале да ги пушти во оптек, иако знаеле дека потекнуваат од кривични дела. Мандиќ, исто така, иако немало легално покритие, добивала пари од Боки и ги уплаќала во вид на донација или по основ на позајмица на сметката на „Меѓународниот сојуз“.
Улогата на Ременски, според соопштението од обвинителството, била што таа со својот углед и авторитет го поддржувала Боки на средби со оштетените бизнисмени.
„Третообвинетата со својот углед и авторитет го поддржувала првообвинетиот на средбите со оштетените, давајќи му совети и упатства за да оштетените стекнат доверба во наводниот проект и однапред да уплатат одреден износ пари и да ги потпишат договорите“,
наведуваат од Обвинителството.
Миле Јовановски, кој се товари за помагање во перење пари, добивал кеш од Боки и ги уплаќал на својата девизна сметка. Понатаму, дел од парите на неговата сметка ги префрлал на сметките на правните лица по основ на поврат на позајмица, а дел прво ги подигал во готовина, па потоа ги уплаќал на правните лица по основ на позајмица.
Од Обвинителството најавуваат и дека ќе бараат од судот да се продолжи мерката куќен притвор на Јасна Мандиќ. Боки веќе се наоѓа во притвор за првиот случај од аферата „Рекет“ кој се наоѓа во фаза на судење, а Ременски кога се отвори истрагата доби мерки на претпазливост – одземен пасош и забрана за напуштање на Скопје.
По денешното поднесување обвинение, на потег е Основниот кривичен суд во Скопје каде што треба да се одржи седница за оценка на обвинителниот акт. Ако обвинението биде прифатено, според електронскиот систем, предметот ќе се распореди кај надлежен судски совет кој ќе го води процесот.