Јовановски вели дека поседува докази во форма на снимени разговори, пораки, фотографии и видеа, а се однесуваат на лица од политиката, правосудството и бизнис-сферата

Бојан Јовановски-Боки 13, правосилно осуден во „Рекет“ и првостепено во „Меѓународен сојуз“, бара прием кај шефот на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), за да поднесе кривични пријави и, како што вели, да му достави „бомби“.
Во соопштението испратено до медиумите од неговиот адвокатски тим се наведува дека кривичните пријави кои Јовановски сака да ги поднесе се за коруптивни и криминални дејствија на личности од највисоки државни структури од политиката, правосудството, бизнис-елитата и други лица.
„Ја информираме јавноста дека започнува исклучително сериозен и сензитивен процес, дотолку повеќе што Бојан Јовановски при поднесувањето на кривичните пријави со записник ќе ги предаде сите докази во поткрепа на пријавите, а доказите што ги поседува се во форма на снимени разговори, транскрипти, пораки, фотографски и видеозаписи (т.н. ’бомби‘) како што е и наведено и во самото барање до јавниот обвинител од страна на Бојан Јовановски“,
пишува во соопштението.

Боки 13 бара да биде изведен пред Абази во присуство на своите адвокати Владимир Туфегџиќ и Сашо Дуковски и наведува дека бара приемот да биде кај шефот на ОЈО ГОКК затоа што „единствено има доверба во него“.
Со тврдења дека поседува компромитирачки материјали Јовановски настапуваше и во текот на судскиот процес за „Рекет“, а во неколку наврати беше спроведува во ОЈО Скопје за да поднесува кривични пријави.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ:
Боки преку писмо посочи дека кривичните се против 40-тина функционери, нивни блиски и бизнисмени
Боки повторно поднесуваше кривични против функционери, лекари, судии…