„Апелирам и замолувам за итност при вашето постапување бидејќи се работи за грубо кршење на законот и грубо и флагрантно кршење на моите уставно загарантирани човекови права“, се наведува во барањето на Јовановски до Судскиот совет
Бојан Јовановски познат како Боки 13, кој е правосилно осуден на затворска казна од двете години за случајот „Рекет“, преку својот правен тим поднел допис до Судскиот совет со кој бара вонреден надзор на системот за прераспределба и управување со судските предмети – АКМИС.

Воедно тој од Судскиот совет бара ревизија на сите судски решенија во врска со неговите барања за прекин на извршувањето на затворската казна.
Јовановски вчера преку своите адвокатски застапници преку писмено соопштението извести дека од болничко лекување повторно е вратен во затворот „Идризово“ во претканцерогена состојба.
Ваквото постапување, како што посочија од неговиот правен тим, е спротивно на препораките дадени од десетици лекари што го лекувале Јовановски во изминатиот период, како и на конзилијарните мислења и од лекарските извештаи.
Ден претходно, односно во петокот, тој излезе со обвинувања дека решението со кое му се одбива како неосновано барањето за прекинување на извршувањето на затворската казна било фалсификувано и антидатирано. Ваквите наводи беа веднаш беа отфрлени од Основниот кривичен суд Скопје кој ги оцени како манипулативни.
„Согласно вашите надлежности го истакнувам предметното барање до вас и барам итност при вашето постапување, со оглед на околноста дека изразувам основано сомневање дека решението за предметот ПК бр. 18/22 е фалсификувано и антидатирано со злоупотреба на АКМИС, злоупотреба со смртта на судијата кој постапуваше по предметот и злоупотреба на судиска функција и функцијата претседател на суд, дотолку повеќе што решението е со датум 31.01.2023 година, потпишано е со апостроф од друго лице, а предметниот судија Огнен Ставрев доколку го донел решението бил должен да потпише и веднаш да го верифицира во АКМИС. Особено важно за напомена е фактот дека покојниот судија активно и секојдневно имаше службени контакти со мојот бранител, м-р Владимир Туфегџиќ, адвокат од Скопје, сè до 03.02.2023 година во врска со постапката и примаше дополненија со нови медицински докази заклучно до ден 03.02.2023 за кои имаме докази со приемен печат од судот и во ниеден момент не го известил бранителот дека донел решение“,
се наведува во барањето на Јовановски што преку своите адвокати го достави до медиумите.

Тој, како што понатаму се наведува, бара од Судскиот совет при постапувањето да ги прибави сите судски списи од предметот и бара да биде повикан на јавна седница на Советот кога ќе се одлучува по барањето.
„Истакнувам и посебно барање да бидам повикан на јавна седница на Судскиот совет при одлучување по ова барање каде што би можел пред вас да ги образложам наводите за сите незаконски и негативни дејствија сторени од страна на Основниот кривичен суд Скопје, како и да ја образложам основаноста на предметот на поставеното барање. Апелирам и замолувам за итност при вашето постапување бидејќи се работи за грубо кршење на законот и грубо и флагрантно кршење на моите уставно загарантирани човекови права“,
се наведува во барањето кое, како што може да се види од факсимилот, во Судскиот совет е примено на 16 февруари.
Јовановски во „Идризово“ издржува правосилна затворска казна од девет години за „Рекет“, случај во кој на седум години беше осудена и поранешната специјална обвинителка Катица Јанева.