На почетокот на минатиот месец, градежните фирми и сопствениците на парцели кај фабриката „Треска“ се заканија со кривични пријави, посочувајќи дека повеќе од една година чекаат конкурс за ново идејно решение
Станува збор за повеќе од 62 илјади квадратни метри, каде според последниот Детален урбанистички план, од 2012 година, тука треба да никнат 30 згради
Антикорупциска најавува исти проверки и за локацијата кај „Треска“ како за Холидеј ин – од процесот на оттуѓување на земјиштето до носење на планот
Градоначалникот на Центар Саша Богдановиќ вчера го потпишал распишување јавен конкурс со за уредување на локацијата кај фабриката „Треска’, кој според законските рокови ќе биде објавен на почетокот на следната недела.
„Вчера го потпишав барањето за спроведување на јавна набавка, бидејќи конкурсот мора согласно Законот да се спроведе како јавна набавка и очекувам дека во понеделник – вторник ќе биде објавен на Бирото за јавни набавки, бидејќи толку е процедурата од потписот на градоначалникот, ден-два треба да се прикачи на системот. Откако ќе се прикачи, веќе стартува јавната набавка и потоа нормално ќе видиме како ќе се одвива “,
изјави Богдановиќ за ТВ 24.
На почетокот на минатиот месец, градежните фирми и сопствениците на парцели кај фабриката „Треска“ се заканија со кривични пријави, посочувајќи дека повеќе од една година чекаат конкурс за ново идејно решение.
Тие се повикуваат на важечкиот ДУП, и сакаат да почнат да го градат она што го дозволиле претходните општински власти – десетици згради наредени една до друга, по што станаа познати како „наполитанки“.
Станува збор за повеќе од 62 илјади квадратни метри, каде според последниот Детален урбанистички план, од 2012 година, тука треба да никнат 30 згради.

Но, неколку години градењето не беше можно поради мораториум во Центар. Но, Уставниот суд неодамна го укина мораториумот, па сега е отворен патот за градба.
Местото кај поранешната фабрика Треска е меѓу последните локации во центарот на Скопје, од толкав габарит, каде што се уште не почнало да се гради. Целта на распишувањето на јавен конкурс е да се најде компромис меѓу јавниот и приватниот интерес и да се воспостави нова пракса во урбанистичкото планирање.
Инвеститорите веќе поднеле и барања за доокрупнување на дел од парцелите, поради што овој случај се споредува со изградбата на повеќекатниците спроти Холидеј Ин, за кој Aнтикорупциската комисија побара од обвинителството да утврди кривична одговорност за тоа што се дозволило за на овој простор да се донесе план што не е во согласност со ГУП-от.

ДКСК најавува исти проверки и за локацијата кај „Треска“ – од процесот на оттуѓување на земјиштето до носење на планот.
Градначалникот на Центар Богдановиќ како и во прилогот на 360 степени пред еденмесец, така и денеска за ТВ 24 вели доколку има правни пречки нема да се дозволи продажба на државното земјиште кај фабриката „Треска“. Односно ќе се искористат сите правни механизми, а кога ќе се исцрпат, тогаш ќе даде одговор.